Несомнено е дека геполитичките односи и безбедносните предизвици и ризици имаа пресудна улога врз состојбите и процесите кои се одвиваа во Северна Македонија минатата година. Никој не може да ги отстрани, ниту најмоќните земји од ЕУ, ниту пак државите од регионот поединечно. Умешноста е ние да не одиме контра нив и да се прилагодиме и на најбезболен начин да ги надминуваме последиците, оценува во интервју за МИА поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски.
Тој потенцира дека во ова кризно време, во кое првпат по Втората светска војна постои поширока европска и светска, политичка, безбедносна и економска криза, се уште без јасна визија за завршница, се докажало дека членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД за нас и за нашата национална безбедност се од непроценливо значење.
За војната во Украина, нејзините последици и серијата кризи, кои таа ги поттикна – економска, енергетска, социјална, како и за хибридните закани, кои не ја одминаа ниту Северна Македонија… разговаравме со Гоцевски во интервјуто за МИА.
– Секако дека ја испративме една од најтурбулентните години во поновата европска историја, која не погоди сите нас и како граѓани и како држава. Според мене светот и Европа влегоа во нова ера во која сегашната економска политичка и безбедносна архитектура е разнишата во самата основа, смета Гоцевски, кој е член на Советот за безбедност на РС Македонија и министер за одбрана во првата Влада на независна Македонија, под чие непосредно раководство во 1992 година беше формирана Армијата на Република Македонија.
Тој во интервјуто за МИА тој се осврна на она што претставува најголема причина за загриженост во нашето општество, а како што посочи, тука високо котира проблемот со корупцијата, која ја оцени како дел од безбедносните ризици.
– Треба да не загрижува и корупцијата. Таа е закана за функционирањетo на системот, владеењето на правото, за буџетот, за економскиот развој, за животниот стандард на граѓаните, за државата во целина. Сите чинители, подеднакво во рамките на своите ингеренции треба да дадат свој придонес во решавањето на ова крупно прашање. Не смееме да ја потценуваме. Не сме добри во битката против корупцијата. Правосудниот систем и другите надлежни органи за борбата против корупцијата во земјава испорачуваат слаби резултати. И тоа е дел од безбедносните ризици кои треба многу да не загрижуваат, вели Гоцевски.
Причина за загриженост, според поранешниот министер за одбрана, е и поделбата на македонското општество, особено поделеноста по партиска припадност.
– Ако вака продолжиме да немаме договор за ниту едно прашање од витално значење за државата, вклучувајќи ја и европската агенда, националната безбедност, одбраната, дипломатијата, тогаш никој од надвор не може да ни биде виновен за состојбите кај нас.. .Односот кон државните и националните интереси треба да бидат над се. Едноставно ни треба уредена, политички стабилна, економски просперитетна, безбедна и демократска држава, вели Гоцевски.
Во интервјуто тој говори и за регионалната безбедност, оценувајќи дека состојбата на Западен Балкан е нестабилна и кревка и додава дека сите сили сега треба да ги насочиме кон севкупна стабилизација на Македонија со цел да може да се справи со сите предизвици во 2023.
– Затоа процесот на реформи, со кои треба да се обезбеди демократизацијата на општеството во целина и ќе придонесе за постабилна држава со функционални институции со доверба кај граѓаните, со несмалена динамика треба да продолжи и во 2023 година. Нивниот застој треба да не загрижува сите, вели Гоцевски, кој е и член на Советот за стратегиски истражување при МАНУ.
Во продолжение следува целото интервју со Трајан Гоцевски:
И светот и земјава се соочија со многу предизвици минатата година, пред се, се соочивме со војна на европско тло, која како домино ефект предизвика серија кризи, кои само се надоврзаа на претходната, предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Професоре Гоцевски, како ја оценувате годината што ја испративме, особено од безбедносен аспект?
Секако дека ја испративме една од најтурбулентните години во поновата европска историја, која не погоди сите нас и како граѓани и како држава. Минатата година е една од најтешките поради неколку работи кои се случија и кои до крај ја разнишаа слободата, мирот и спокојството на секој европски, но и на секој македонски граѓанин.
Скоро цела година имавме војна на тлото на Европа, водена од една од супер силите, нуклеарна сила, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, против суверена земја членка на ОН. Тоа ги наруши сите правила и принципи на ОН и направи несогледливи последици по мирот и безбедноста во Европа, но и за светскиот мир и поредок воспоставени по Втората светска војна. Најголем предизвик досега.
Од безбедносен агол на гледање имаме судир на три процеса. На идеолошки план судир меѓу демократијата и либералниот модел на управување, наспроти авторитарниот модел на управување, судир што се изостри и поради светската криза предизвикана од пандемијата, климатските промени, стратешката стабилност и слично. На геополитички план имаме судир за тоа каков свет да проектираме: униполарен, биполарен, мултиполарен, од што ќе зависат идните глобални движења, па би рекол и идниот меѓународен поредок. На глобален економски план, пак, се поставува прашањето дали сакаме да успее слободниот светски пазар како идеја или промовираме неколку паралелни економски групации: САД, ЕУ, Евроазиската економска зона и сега новопромовираната Индо-пацифичка економска рамка (ИПЕФ), која вклучува десетина индо-пацифички земји.
Судирот по сите основи е силен, без пардон, со употреба на сета расположива моќ на актерите, но најнеприфатливо беше работите да се расчистуваат со војна. Тоа треба да не загрижува сите.
Според мене, светот и Европа влегоа во нова ера во која сегашната економска политичка и безбедносна архитектура е разнишата во самата основа.
Светот, но и земјава минатата година освен со војна на европскиот континент се соочија со хибридни закани, енергетска криза, економска криза, висока инфлација.. постојат ли изгледи за скоро стабилизирање на состојбата?
Хибридните закани, кои се предвидуваа како реална закана за безбедноста на сите држави, станаа реалност. Тие стана реалност и во нашата држава. Имавме хакирани системи во неколку ресорни органи и државни институции. Речиси секојдневни дојави за бомби во училиштата и во други објекти од критичната инфраструктура. Тероризмот останува на сцена, иако малку подзаборавивме на него, а особено на насилниот екстремизам, кој има потенцијал и во нашата држава.
Европа се соочи со енергетски шок кој го чуствуваме и ние во Македонија. Речиси сите економии одат кон забавување и рецесија. Инфлацијата првпат е толку раширена и висока, што ја погоди цела Европа и стандардот на сите нејзини граѓани. Здравствената криза не е се уште надмината, а да не зборуваме за последиците од неа кои допрва доаѓаат. Социјалната димензија на кризите и последиците од здравствената криза веќе ги испорачува сметките. Мигрантската криза повторно ја погоди Европа, а рутите поминуваат и низ нашата држава.
Состојбата е непредвидлива, бидејќи се уште никој не знае кога ќе се стави крај на главниот генератор на сите кризи, а тоа е војната. Никој од меѓународните фактори не дискутира за тоа. Никој не знае како ќе се справуваме со кризите и како ќе се стави крај на војната. Се уште нема предвидливост и кои димензии и во која насока ќе се одвива мигрантската криз. Нема ниту одговор како ќе се реши енергетскиот хаос, кој владее по војната на Русија со Украина на долга патека, како и во однос на тоа до каде ќе оди забавувањето на растот на економијата, до кој плафон и до кој рок ќе има висока инфлација, во кој правец ќе одат социјалните проблеми и колкав дел од популацијата влегува во социјална беда и кои ќе бидат последиците од тоа?
Неизвесно е и дали навистина здравствената криза е зад нас или не е, како и што станува со глобалниот пазар и со неговата сегментација, во која насока ќе оди мултилатеризмот, како ќе се обликува светскиот и европскиот безбедносен поредок.
Се разбира има и многу други непредвидливи работи кои се однесуваа на Западен Балкан во изминатиот период, што за нас е дополнителен безбедносен предизвик.
Сумирано 2022 година ја дефинираме како најкризна поради тоа што имаме спој на повеќе кризи истовремено, кои по сите основи ги исцрпуваат ресурсите на државите. Имаме војна како врв на кризите, имаме криза на светскиот безбедносен поредок, криза во функционирањето на системот на колективна безбедност на ОН поради правото на вето од страна на Русија, криза на европската безбедност и соработка која ја координира ОБСЕ, чиј претседавач оваа година е Северна Македонија, имаме криза во функционирањето на глобалниот систем на слободната пазарна економија, економска, финансиска и недовршана здравствена криза, на повидок е социјална криза.
Кај многу држави од регионот има и долгорочна политичка криза. Се повампируваат идеите од минатото. Имаме вооружување и скриени или отворени територијални претензии.
Минатата година ја карактеризира и многу активната дипломатска машинерија која работеше повеќе од кога било. Имено поради вкупните геполитички, стратешки и регионални случувања, 2022 се карактеризира со бројни меѓународни собир, самити, министерски состаноци, кои беа во насока на изнаоѓање излезни решенија од кризите кои ја зафатија Европа и светот во целина.
Професоре Гоцевски, несомнено е дека геополитичките односи и безбедносните ризици ги креираат идните постапки на сите актери кои ја креираат иднината на Европа и пошироко. Накусо какви беа тие во 2022 година?
Оценка е дека на безбедносен план во Европа, па и пошироко се случува нешто, што никој не го очекуваше, а најмалку некој го посакуваше. Имаме година во која суштински се промени севкупната безбедносна архитектура во Европа без преседан во поновата историја.
Како што веќе посочив имаме војна на тлото на Европа, најмасовна по Втората светска војна и се разбира по војната што се случи по распадот на поранешна Југославија. По Кубанската криза првпат по разни основи, почна да се спомнува и нуклеарното оружје. Војна се отвори против независна и суверена држава во Европа, со 45 милиони жители и територија поголема од сите европски држави. Ескалира и економска војна против Русија, исто така во невидени досега размери. А таа е многу значајна безбедносна алатка во вакви состојби. Но, економската војна ги погодува сите во светот. Ни криви ни должни сите плаќаме за војната.
Ескалира пропагандна војна од невидени размери, која исто така е дел од војната. Просторот се преполни со диригирани, лажни, наменски пласирани вести. Ескалираа и асиметричните закани насекаде, па и кај нас.
Едноставно кажано првпат по Втората светска војна имаме поширока: европска и светска политичка, безбедносна и економска криза, се уште без јасна визија за завршница.
Последиците без исклучок ќе бидат огромни за сите. Има многу човечки жртви. Има уништување на имот на граѓаните, уништување на јавни добра, инфраструктура градена со векови, пораст на цени, недостиг на храна и одредени клучни производи и суровини, губење работни места, бегалска криза, губење на домови и се останато, кај милиони домаќинства.
Индиректно и ние како држава бевме и ќе останеме погодени од војната, од економската, од енергетската, од здравствената и социјалната криза.
Да заклучам несомнено е дека геполитичките односи и безбедносните предизвици и ризици имаа пресудна улога врз состојбите и процесите кои се одвиваа во Северна Македонија минатата година. Никој не може да ги отстрани, ни најмоќните земји од ЕУ, ниту пак земјите од регионот поединечно. Умешноста е ние да не одиме контра нив и да се прилагодиме и на најбезболен начин да ги надминуваме последиците.
Ние како држава членка на ОН и на НАТО досега успешно се носиме со нив. Се разбира имаше и одредени слабости. Но, во оваа кризно време се докажа дека членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД за нас и за нашата национална безбедност се од непроценливо значење.
Веќе споменавте дека и Северна Македонија, како и остатокот од светот се најде на ударот на овие испреплетени кризи. Ќе може ли поконкретно да ни кажете според Вас, како земјава се снајде во турбулентна 2022 година ?
Секако дека нашата држава како дел од меѓународната заедница ги почуствува сите последици кои ги носеше оваа непредвидлива, кризна и по многу нешта, ризична година. Како се снајдовме? Направивме многу работи добро, некои помалку успешно ги сработивме, а во некои сектори треба уште многу да работиме за да го постигнеме посакуваното ниво. Според мене, во 2022 година има повеќе настани кои се за почитување и за одбележување.
Претседателот Пендаровски ја претстави Рамката за развој на Северна Македонија до 2030. Првпат како држава имаме документ подготвен и поддржан од институцијата Претседател на Републиката, што ги дефинира приоритетите и стратегии со кои до крајот на оваа деценија можеме да го поттикнеме севкупен економски и општествен развој на земјата.
Северна Македонија успешно го започна и уште посилно и постабилно го продолжи своето членство во НАТО, во услови на кризи. Станавме уште подоверлив партнер на НАТО.
Армијата на Република Северна Македонија како дипломат од највисок ранг во 2022 година успешно ја спроведуваше политиката на нашата држава во Евроатлантската безбедносна зона и ефикасно одговараше на сите преземени обврски кон Алијансата. Армијата функционираше како составен дел на НАТО контигентите и во меѓународните мировни мисии, а бевме домаќини и на многу суштински вежби на полигонот Криволак. Северна Македонија лани на достоинствен начин го одбележа 30-годишниот јубилеј од формирањето и развојот на Армијата.
Минатата година е значајна и по тоа што Северна Македонија го подигна нивото на стратегиското партнерство со САД, што е многу значајно за нашата стабилност, одбрана, безбедност и отпорност на општеството кон новите безбедносни закани и ризици на кои сме подложени во овие сложени времиња.
Во доменот на безбедноста, исто така, продолжија позитивните текови на интегрирањето на ресурсите на безбедносниот систем, подобрувањето на неговата ефикасност, подобрувањето на условите и мотивираноста на човечките ресурси, подобрувањето на условите за работа, интензивирана е меѓународната соработка на МВР и комуникациите со партнерските земји што е суштински за превенирање на безбедносните закани. Се разбира имаше и „афери“, кои овој сложен систем, во иднина мора да ги елиминира.
Мора да се спомене и потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС за подобрување на интегрираниот систем за гранично управување, кој за нас има суштинско значење од неколку аспекти – стабилното обезбедување на нашите граници, ефикасно справување со мигрантската криза и ефикасна борба против криумчарењето. Секако од национално значење е што тој се потпиша на македонски јазик, без никакви условувања кои ги имавме пет години наназад.
Во контекст на сработеното мора да се спомене и дека продолживме по патот до членството во ЕУ. По 17 години кандидатски статус, Македонија го продолжи трнливиот пат кон ЕУ како наш врвен национален стратешки интерес. Но, не би бил коректен ако не кажам дека емоциите кој граѓаните се измешани… Почна скрининг процесот, но за отворањето на кластерите со кои почнуваат вистинските преговори повторно сме условени со уставни промени. Тоа чувство на притисок и нееднаков однос кон нас, придонесе јавното мислење да има се повеќе скептицизам кон коректноста на водењето на тој процес. Тоа треба да се надмине.
Во однос на енергетската криза исто така не се дозволи пад на системот. Граѓаните и бизнис заедницата во одредена мера беа компензирани поради зголемените цени. Скопје не остана без греење. Пазарот на течни горива и гас беше стабилен освен во доменот на цените кои варираа многу често. Финансиската криза се амортизираше во поднослива рамка. Сепак некои параметри, како задолженоста, се влошија. Со инфлацијата во рамките на условите се водеше координирана монетарна и фискална политика. Со мерките на НБРСМ и со владини интервенции се стабилизираа некои цени. Но, далеку сме од посакуваната ценовна стабилност и ниска стапка на инфлација
Економијата, пак функционираше во исклучително сложени услови. Се покажа доста отпорна на надворешните влијанија, но тоа има свој плафон. Не се оствари планираниот раст на БДП, но сепак не влеговме во рецесија и галопирачка инфлација, што е многу битно за стартот во оваа година.
Имавме успеси и на полето на науката, културата, спортот, на кои треба да им се радуваме. И тие се исклучително значајни за нас.
Професоре Гоцевски, што, според Вас, е причина за загриженост за напредокот на Северна Македонија?
Секако дека војната сите најмногу не загрижува. Особено загрижува немањето на иницијатива и визија за нејзиното брзо завршување. Има појави кои имаат импликации врз развојот на државата, стандардот на граѓаните и се разбира на нашата национална безбедност, кои треба сами да ги решаваме и треба да не загрижуваат, бидејќи не ги надминуваме со децении.
Според мене најмногу треба да не загрижува поделбата на македонското општество. Посебно ме загрижува поделеноста по партиска припадност. Тоа е тема за длабоко размислување. Ако вака продолжиме да немаме договор за ниту едно прашање од витално значење за државата, вклучувајќи ја и европската агенда, националната безбедност, одбраната, дипломатијата, тогаш никој од надвор не може да ни биде виновен за состојбите кај нас.
Лидерите на политичките партии, пратениците во законодавниот дом, носителите на извршната, на судската, на локалната власт… со еден збор целата политичка елита треба да бидат пример, се разбира позитивен, за сите и за се. Позитивен пример кој ќе се пренесе во целото општество. Односот кон државните и националните интереси треба да бидат над се. Едноставно ни треба уредена, политички стабилна, економски просперитетна, безбедна и демократска држава.
Во таа насока, мора да создадеме нужна политичка култура на однесување кон државните и националните интереси. Девалвирањето меѓусебе не не води во вистинска насока. Тоа не се европски вредности, кои ги посакуваат сите граѓани, а особено младите кои се почесто се одлучуваат да ја напуштат земјата. Тоа мора да се запре.
Ајде накратко да ги анализираме состојбите во изминатите 30 години од нашето осамостојување, до денес. Како општество не направивме напори ниту еден шеф на нашата држава да остане легитимен, почитуван и недевалвиран од некој политички субјект.
Собранието во сите состави досега, по разни основи, беше постојано блокирано од некој политички субјект. Претседателите на досегашните влади, министрите и самите влади, континуирано се девалвирани по сите основи. Да бидам јасен, ако некој ги прекршува законите мора да одговара без разлика на позицијата на која се наоѓа. Ако некој носител на јавна функција се огрешил кон законите, институциите треба веднаш да реагираат и тој да одговара за стореното. Никој не треба да биде над законите. Но, не за ставање на сите во еден кош. Ако така продолжиме ќе испадне дека нам никој не ни одговара. Пак ли некој друг од надвор ќе треба да ни ја крои нашата судбина, како во минатото. А добро знаеме какво беше нашето минато, последни на Балканот формиравме наша независна држава. Генерално сите да се девалвираат, на долга патека, не не води во добра насока.
Треба да не загрижува и корупцијата. Таа е закана за функционирањетo на системот, владеењето на правото, за буџетот, за економскиот развој, за животниот стандард на граѓаните, за државата во целина. Сите чинители, подеднакво во рамките на своите ингеренции треба да дадат свој придонес во решавањето на ова крупно прашање. Не смееме да ја потценуваме. Не сме добри во битката против корупцијата. Правосудниот систем и другите надлежни органи за борбата против корупцијата во земјава испорачуваат слаби резултати. И тоа е дел од безбедносните ризици кои многу треба многу да не загрижуваат.
Треба да ни пречи отсутноста на бизнис заедницата, медиумскиот сектор и академската заедница во креирањето на јавните политики во државата. Тие се стабилизаторите кои го носат прогресот во општеството.
Во моментот и состојбата во целиот регион е нестабилна и кревка. Тоа не треба да не прави комфорни, бидејќи тоа е нашето соседство. Имаме политичка нестабилност, вооружување, територијални претензии и слично. Тоа се сериозни закани. Затоа ние треба сите сили да ги насочиме кон вкупна стабилизација на државата, на нејзините институции и на отпорноста на целото општество кон актуелните, но и кон идните безбедносните закани и ризици кои ги има се повеќе. Затоа процесот на реформи, со кои треба да се обезбеди демократизацијата на општеството во целина и ќе придонесе за постабилна држава со функционални институции со доверба кај граѓаните, со несмалена динамика треба да продолжи и во 2023 година. Нивниот застој треба да не загрижува сите.
Според Вас што не очекува во Новата, 2023 година, на што треба да се фокусира државата, со кои предизвици ќе се соочува?
Оваа година не чекаат многу сложени задачи кои треба да ги решаваме. Генерално соочувањето со последиците од војната која ја води Руската Федерација против Украина, според мене, ќе останат на врвот на приоритетите за решавење во 2023 година и тоа во сите области за кои веќе стана збор.
Остануваат и останатите жешки теми со кои ќе се соочиме. Приоритет ќе биде сериозната борба против корупцијата и организираниот криминал, која се бара од нас. Корупцијата стана наш дежурен проблем, кој не го решаваме соодветно и затоа земјите кои се наши стратешки партнери како САД, членките на ЕУ и други сериозно ни укажуваат дека оваа многу штетна општествена појава мора да ја решиме. Или во првата фаза да ја доведеме во подносливи граници, да не застане на патот на нашата европска агенда.
Бидејки ни останува остварување на нашата следна стратегиска цел, членство во ЕУ, во 2023 треба да тргнеме од укажувањата на ЕУ во Извештајот за 2022 година. Тука во основа е патоказот каде треба да ги насочиме сите сили и средства на целото општество во оваа година.
По прашањето на одбраната и безбедноста, особено не очекува засилено ангажирање во НАТО по сите основи, а особено зајакнувањето на отпорноста кон асиметричните закани, тероризмот и кибер заканите и други безбедносни ризици, кои остануваат на врвот на приоритетите, а со кои реално се соочуваме секој ден.
Промени се на повидок и во целата Европска безбедносна архитектура. Ние и тука мора да бидеме подготвени и со голема експертиза да ги процениме ризиците и предизвиците за нас на долга патека и да можеме да се вклопиме во тој нов безбедносен поредок. Во тој блок на промени, НАТО мора да го прилагоди својот стратегиски концепт, за тоа како ќе делува во услови на се поопасното окружување кое сега и на дело се случува. Во таа насока треба да биде и подготвеноста на нашата држава да даде придонес во напорите на Алијансата за исполнување на стратешките цели, во одржувањето на регионалниот мир и безбедност и зацврстување на единството во НАТО во овие кризни времиња.
Конечно ако сакаме да успееме, тогаш реформите треба да бидат резултат на широк политички, експертски и општествен консензус. Реформите ги правиме првенствено за нас и се битни за сите нас.
Би заклучил дека ни е потребна и реформа на начинот на кој размислуваме, начинот на кој делуваме и на начинот на кој се однесуваме во нашето општество. Секој граѓанин треба да биде подготвен и со висок интегритет, да ги почитува законите и пропишаните норми, ама треба да има доверба во институциите. Значи мора да ја вратиме довербата во институциите на државата а тоа бара многу промени.
На сите граѓани на РС Македонија им посакувам среќна, просперитетна и со помалку проблеми Нова 2023 година.
Ана Цветковска
фото: МИА архива