Голем е бројот на граѓани кои годинава не ја крунисаа својата љубов со брак поради пандемијата на коронавирусот што трае повеќе од десет месеци. Со забраната за масовни собири, веселби и дружења, дојде до откажување на претходно закажаните свадби и венчавки, а мал е бројот на оние кои се решија да склучат брак само пред матичар.
Оваа година, како што велат од Управата за водење матични книги, бројот на склучени бракови е 7.000, што е за околу 4.500 помалку од лани.
За склучување брак во време на пандемијата се воведоа и протоколи. Присуството на гостите беше сведено на минимум со почитување на пропишаните мерки за заштита, како одржување дистанца, носење маски и дезинфекција.
-На регистрацијата може да присуствуваат матичарот, брачните партнери и нивните двајца сведоци. Присутните мора да носат маски и ракавици и да се држи дистанца од два метра со матичарот. Истото важи и за во салите и за на терен на отворено, додека кога се на отворено може уште пет – шест лица на дистанца со маски. Церемонијата е скратена на 10 минути, посочуваат од Управата.
И додека бројот на склучени бракови е намален, во третото тромесечие од оваа година регистриран е пораст на бројот на разводи.
-Во период од три месеци добиени се 357 извештаи за разведени бракови што претставува зголемување од 8,5 проценти во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најмногу постапки за разводи регистрирани се во Скопје, Тетово и Куманово.