На 28 јуни 1921 година, во Софија, Бугарија, бил извршен атентатот врз македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Директен извршител на убиството бил Турчинот Реџеп – наводно, како наменски избран убиец на ВМРО-Автономистичка.
Во своите „Спомени“ објавени неколку години по неговата смрт, Ѓорче нагласува дека не го сакал официјалното именување по презимето. „Јас секогаш сум Ѓорче“, му рекол на запишувачот на „Спомените“, истакнувајќи дека претпочита да го викаат по име. Се претпоставува дека најистакнатиот водач на Организацијата во раните 1920-ти, но и политички противник на Ѓорче – Тодор Александров лично го испратил Реџеп да го убие Ѓорче, на што, според тогашната истрага – атентаторот се согласил. Но, од друга страна, Александров изречно ги порекнувал тие наводи.
Освен тоа, како што образложува историчарот Никола Жежов во својата книга „Кирил Дрангов“, овој податок треба да се зема со резерва, затоа што Владата на Александар Стамболиски била во непријателски односи со ВМРО-Автономистичка и секако дека се обидувале да ја дискредитираат Организацијата пред македонските емигранти во Бугарија. Ликвидацијата на таков влијателен македонски револуционер како Ѓорче Петров била добра можност да му се припише тој чин на Александров. Таквата вест соодветствувала со расправиите, острите преписки, обвинувањата и жестоката реторика меѓу Тодор Александров и Ѓорче Петров.
Овде ќе ги проследиме погледите на Ѓорче, пред сѐ – околу политичкото профитерство на некои Бугари и Македонци во бугарското општество. Следат извадоци од една помалку позната статија на Ѓорче за македонските иселеници во Бугарија и нивните здруженија и организации. Тој, имено, го изразува своето разочарување од нивните бледи заложби за независна и слободна Македонија. Особено, тука се истакнува Врховниот македонски комитет (ВМК, т.е. тн. „врховисти“), со седиште во Софија. Написот е објавен во весникот „Право“, во Софија, 1902 година.
„Веднаш по ослободувањето на Бугарија и Тракија, во двата дела од „заедничката бугарска татковина“ (забележете, Ѓорче употребува наводници, з.п.) се појавија таканаречените „Македонски друштва“, „Македонски комитети“ – коишто го имаа за своја цел и задача ослободувањето на Македонија. Цели 25 години тие не постигнаа никакви практични резултати по македонското прашање како независен фактор“, пишува Ѓорче.
Тој во оваа своја статија под наслов „Македонското ослободително движење на бугарска почва“, неколкупати нагласува дека „тнр. македонски комитети“ во Бугарија „сè уште не направиле ништо“ за Македонија.
„Како независен фактор, досега не одиграа никаква позитивна улога за целта за којашто постојат, а денес имаат и прилично голема негативна улога како сојузници на Внатрешната организација и соработници на робот“, се додава.
Според Ѓорче, сите митинзи и јавни говори на македонските дејци во Бугарија биле илузија создадена од измамници, којашто цели кон чувствата на Македонците гладни за слобода „од Турчинот“, но и истовремено искористување на емоциите на Бугарите кои нереално чезнеат за држава „од Црното до Јадранското Море“…
„Аплаузот на говорите доаѓаше од срцето и душата на слушателите, и од редовите на македонската емиграција и од месното (бугарско) население. Огнените статии во весниците и списанијата не беа читани, туку едноставно голтани. И, можеше ли поинаку? Нели беше осуден Турчинот, толку омразен од сите нас?“, прашува Ѓорче.
„Да се стави крај на страдањата на народот и да се изгони Турчинот од нашата земја – има ли послатки соништа од овие? Бугарското знаме да се вее над Климентовиот престол, Крали-Марковите кули и скопската Самоилова тврдина… Има ли друга илузија што би била попријатна и позадоволителна во истовреме за вистинските, пристрасните и шпекулативните идеали и инстинкти на Бугаринот? Оваа илузија е вообичаена тема на сите пламени говори и статии на македонските дејци“, пишува авторот.
Според него, „Македонското дело“ во овој облик било само средство за заработка во рацете на шарлатани, разбојници, авантуристи и сл.
„Во Бугарија и Тракија, толку многу пари беа собрани од народот за ‘Македонското дело’, што Македонија едноставно можеше да биде купена од Султанот со нив, ако ги собираа и чуваа… Сепак, ништо не е постигнато по ова прашање и сите овие човечки и парични жртви се залудни и напусто“, нагласува Ѓорче.
Тој натаму објаснува како во 1885 година, Бугарија првпат го искористила македонското прашање во своја полза – за обединување на Северна Бугарија и „Јужна“ (дотогашната отоманска автономна област Источна Румелија). Следните неколку години, македонското прашање исчезнало, се вели… Сѐ до Мелничкото востание на ВМК од 1895 година.
„Ентузијазмот достигна лудило. Неплодноста на ова движење, исто така, има негативно влијание врз ова општество. Реакцијата беше исто толку голема колку и ентузијазмот, луѓето ја изгубија секоја надеж дека еден ден ќе ги видат своите соништа остварени – верата беше изгубена не само кај водачите, туку и во самата кауза, како резултат на што и жртвувањата престанаа“, вели Ѓорче.
Но, тој не говори против општеството – обичниот граѓанин на Бугарија.
„Она што најмногу нè изненадува и нè загрижува е интересот на политичкиот и владејачкиот свет во Бугарија. Македонските друштва, македонските комитети и, воопшто, Македонското дело во Бугарија, во својата крајна цел, се чисто револуционерни и не се сообразени со државничките начела на управниците во Бугарија. Последнава, како држава натоварена со меѓународни обврски, плус потчинета на Турција, се компромитира пред светот со македонските комитети, па дури може и да западне во проблеми со нив“, вели авторот.
Ѓорче во овој дел особено ги напаѓа дејците на ВМК. Посочува, имено, дека сите поединци во Бугарија кои презеле улога на водачи во македонското движење, имале само лична политичка корист и лично издигнување на тој пат. Тука ги набројува бугарските премиери Петко Каравелов и Константин Стоилов, „врховистите“ – генерал Данаил Николаев, офицерот Иван Цончев, учителот Јосиф Ковачев и други водачи на „Македонското дело“.
„Дали е можен поголем скандал од овој во светот, ќе рече секој!?“, се истакнува во написот.
Натаму, Ѓорче објаснува како бугарските „државници и големци“ го собирале кајмакот…
„Видоа накаде оди работата, разбраа што може да произлезе од Македонското дело. Па, додека пошироката јавност се восхитуваше на гласните фрази на „дејците“, политичарите ги собраа за себе приходите од ова восхитување… Имаше и други размислувања од поприватна природа што ги туркаа државниците и политичарите да се приближат кон Македонското дело, па и да влезат во Организацијата“, се наведува.
„Македонците овде секогаш биле многу важен фактор во сите изборни и внатрешни општествено-политички борби. Секогаш, па и денес, најактивните сили во сите партии, најжестоките поддржувачи на политичките личности се луѓе од Македонската емиграција. Така, Македонското дело е главното средство на големците да ја привлечат оваа сила на своја страна и да ја користат. Затоа тие сакаат да ја преземат и Македонската организација (ВМРО), или директно или преку своите слепи поддржувачи“, појаснува Ѓорче.
На тој начин и ВМК станал орудие на Бугарската влада.
„Уште пострашен престап! Комитетот сака востание во Македонија со свои средства, со свои сили, по своја иницијатива и сопствена одлука, а забележително е што Цончев и неговите другари, дури и при оваа помисла, не престануваат да се продаваат како револуционери во сите значења на зборот. Ќе направиме корекцијата дека зборот „востание“ е само позајмен поим за измама. Всушност, тие сакаат востание од типот на она во 1895 година, востание предизвикано од банди разбојници предводени од офицери, кои ги газат сите елементи за востание. Ова е факт официјално објавен од Комитетот, потврден на штета на неговите луди и шупливи капетани. Овој факт одговара на фиксната идеја на Цончев и е потврден со сите дејствија на Комитетот тука и таму“, пишува Ѓорче.
Тој смета дека состојбите во Македонија во 1902 – ‘3 година не се созреани за востание, што историјата потоа го потврди преку неуспехот на Горноџумајското и Илинденското востание.
„И на секое дете денес му е јасно дека дури и вистинското востание во земјата е лудост, бидејќи ни политичката состојба, ниту нашата позиција како Организација, ниту силите на непријателот не одат во прилог на востание со добро осмислена и добро разбрана цел. Ако ова е вистина за систематско народно востание, коешто секогаш претставува одредена сила само по себе, нешто повеќе од безумие – помислата за делумно востание во одредени места, спроведено однадвор, од банди разбојници кои ќе навлезат таму, или наметнато врз населението со лудите дејствија на овие банди, ќе биде нешто негативно, бидејќи таквото востание нема да обезбеди ниту самоодбрана на месното население. Во денешната положба, само луѓе на кои им недостасува не само морал, туку и душа, Бог и вера, можат да преземат таков потфат“, заклучува Ѓорче.
Прилепчанецот Јордан Тренков во свој личен запис (пронајден и објавен од македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев), сведочи за доследноста во ставовите на својот сограѓанин Ѓорче Петров. Говорејќи за Прилепскиот подвижен конгрес на ТМОРО во мај – јуни 1904, Тренков вели:
„Ѓорче настојуваше дека било строго осудувачки за нас патриотите – револуционери да стануваме агенти на Егзархијата и на бугарската влада, кои никогаш не го сакале нашето ослободување, туку просто се стремеле за постигање државни цели… Тој отиде дотаму што напомна како многупати бугарските митрополити, Егзархијата, министрите во Софија и самиот кнез биле многу поопасни за нашето дело, отколку самите Турци. Во заклучокот, тој предложи еднакво да ги истребуваме бугарските, српските и грчките конзули и митрополити како директни предавници и вистински виновници за националните расправии.“
И Коста Шахов – долгогодишен активист на ВМК, тие години полемизира со Ѓорче Петров. Во својот напис „За разликите на Македонско-одринската организација“, Шахов тврди дека „внатрешната“ ВМОРО и „надворешниот“ Врховен македонско-одрински комитет имаат иста цел, т.е. иста идеологија, работат со исти средства и сл. Тој категорично и недвосмислено тврди дека, како и ВМОРО, и ВМОК од којшто и самиот е дел, се бори за автономија на Македонија и Одринско – како цел. Проблемот, според Шахов, произлегува токму од тоа што ВМОРО и ВМОК ги имаат истите средства и истите цели, но пречка е личноста и егото на некои дејци. Посочува дека Ѓорче е меѓу тие „егоистични“ дејци.
Освен тоа, Шахов во тој миг ги отфрла обвиненијата на Ѓорче дека „врховистите“ се стремат да го усогласат своето делување со бугарската владина и државна политика. Самостојна Македонија, се чини, е константата во македонската државно-национална идеологија, борба и заложби на „врховистите“ како Шахов. Но, ова може да се земе како лично гледиште на Шахов, а не на целиот ВМК.
Уште повеќе, во една од следните свои статии, слично како и неколкупати претходно, и Шахов ги посочува профитерите и кариеристите меѓу „врховистите“.
Подоцна, еден од идеолошките противници на Ѓорче е и Владимир Карамфилов, кој се залага за великобугарската државна идеја и кој смета дека, наводно – „Ѓорче Петров и другите околу него не ги сфатиле вистинските желби“ на македонското население. Карамфилов тоа го пишува во писмо до Тодор Александров – претпоставениот нарачател на убиството на Ѓорче.
Во претходното писмо од таа преписка во 1919 година, веројатно во своја фаза каде што се чувствува поблизок до Бугарскиот дворец, Александров го почнува озборувањето против своите политички соперници и противници.
„Само ограничениот болшевик (Димо) Хаџидимов, анархистот-безделник (Михаил) Герџиков, шмеќерот-велзевул Ѓорче, како и Санданистите – предавниците на бугарскиот народ, и во минатото и сега се борат и се залагаат за самостојна Македонија како одделна економска и географска единица, со одделен ’македонски народ‘, со своја посебна историја од векови наназад… Некои од нив дури и се закануваат дека со оружје в рака би се бореле против eвентуалното обединување на Македонија со Бугарија”, нагласува Александров.
Ѓорче Петров е убиен во 1921. – безмалку две години по ова писмо на Александров.
МИА