Вечерва во 20 часот пред зградата на Владата на РМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе го одржи големиот народ митинг на кој ќе биде изразено незадоволството од работата на кабинетот на Зоран Заев. Митингот се случува по повод една година од работењето на Владата.
-Имаме една година полна со лаги. Имаме една година полна со нереализирани ветувања, со неисполнети очекувања. Имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата, се изгубија оние 100.000 денари ветувања за специјалистите доктори, се изгубија поголемите субвенции за земјоделците, се изгубија поголемите стипендии за младите луѓе, се изгубија сите оние средства кои што треба да бидат одвоени за подобрување на стандардот на младите луѓе, се изгубија ветувањата за поголеми пензии за пензионерите, се изгубија ветувањата за што уште не, а тоа е така затоа што не знаеја што ветуваат, ветуваа напразно и ветува само шарени лаги, истакна на собирот во Ѓорче Петров, претседателот на партијата Мицкоски.
И генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, се обрати до јавноста барајќи масовно присуство:
-Ветуваа живот за сите граѓани, а донесоа живот само за Заев, за Вицето, за Анѓушев, Шекеринска, Спасовски. Сите останати едвај преживуваат.
Државата тоне во економска пропаст, народот се мачи во сиромаштија и беда, а криминалот царува по улиците.
Секојдневно како на пазар се лицитира и се распродаваат државните и националните интереси. Со името на државата се постапува како да е име на фирма на Заеви, далеку од очите на јавноста, за лични интереси на криминалниот картел на власт се преговара за се и сешто и тоа се крие од граѓаните. До вчера Заев се колнеше дека не помислува на промена на Уставот за да го менувал уставното име, за потоа да не убедува дека се премислил бидејќи му се видело убаво како име Илинденска Македонија. Сега ни кажува дека заради Грците и тоа име отпаѓа ама убаво ќе било и без тоа име да се преземе обврска за менување на Уставот – истакна Јанушев.
Се очекува ова да биде еден од најмасовните митинзи во историјата на Република Македонија. Собирот доаѓа во завршните моменти од преговорите на Заев и Димитров со Грција за промена на името на РМ во моменти кога сите економски показатели посочуваат на близок економски колапс на државата.