Во предградието на хрватскиот град Осиек во текот на ноќта избувна пожар од големи размери во фабрика во која се преработува пластика. Неколку илјади квадратни метри пластика, која се чува на отворено, гори, се вели во првиот извештај на припадниците на локалната цивилна заштита.
Пожарот се уште не е локализиран, а сите расположливи противпожарни единици се на терен. Жителите на Осиек изутринава добија СМС предупредување да не остануваат на отворено, да не излегуваат од своите домови и да ги затворат прозорците.
Училиштата во областите Антуновац, Ернестинов, Ласлов, Чепин и Вука ја откажаа наставата за денеска, бидејќи ветерот ги носи честичките кон тие места, пренесува Хина.
Нешто по полноќ избувна пожар во фабриката „Драва интернационал“ во Бријест, предградие на Осиек. Шефот на општинскиот штаб и заменик градоначалник на Осиек, Драган Вулин изјави дека пожарот се уште не е ставен под контрола, а во гаснењето учествуваат сите доброволни противпожарни единици од градското подрачје заедно со противпожарната служба на Осиек. На терен се и багери од градските претпријатија кои создаваат коридор за да не се прошири пожарот. Причината за пожарот се уште не е позната, но според Вулин, гаснењето би можело да потрае неколку дена поради неговата големина.
Но, бидејќи пластиката гори, може да има и многу опасни материи во воздухот. Ветерот го носи чадот кон југ, подалеку од Осиек.
„Операцијата е исклучително комплицирана, бидејќи има многу запаливи течности и гасови кои треба да се пренесат на други локации“, изјави Драган Вулин за Хрватската државна телевизија.
Началникот на кризниот штаб, заменик-префектот Мато Лукиќ, за новинарите изјави дека ветрот кој утринава се засилил не дозволува гаснење на пожарот, кој во моментов го гаснат околу 100 пожарникари со околу 50 возила.
– Ситуацијата се уште не е задоволителна, не можеме да кажеме дека пожарот е изгаснат, а чадот е намален, но огнот е забавен, а можеме да кажеме дека е спречена поголема катастрофа, бидејќи погоните на оваа компанија се полни со запаливи течности и материи, кои се префрлени при гаснењето, за да не дојде до поголема трагедија“, истакна Лукиќ. Тој оцени дека гаснењето најверојатно ќе трае долго поради ветерот, но и поради супстанцата која гори – пресувана пластика.