Руската валута денеска се искачи на 76 рубљи за американски долар и 82 за еврото, достигнувајќи го највисокото ниво во однос овие валути споредено со 23 февруари, пред да почне војната во Украина, пишува Русија денес.

Строгите мерки за замрзнување, зборовите на Путин дека за гасот ќе се плаќа во рубљи и фактот дека Русија продолжи да купува злато се работите кои придонесоа за ова, закрепнување.

Во текот на минатиот месец рубљата имаше историски пад и преполовување, па на 7 март падна на 150 рубљи за долар. За падот на рубљата придонесоа и западните санкции кои ги замрзнаа девизите во странство на Русија. Тоа значи дека Националната банка на Русија не можеше да ја поддржи својата валута продавајќи девизи.

За да се одбрани, руската влада презеде повеќе чекори. Централната банка воведе итна контрола на капиталот, вклучително и забрана за странци да продаваат руски средства, како и задолжителна продажба на тврда валута од страна на извозниците.

Друг фактор во корист на рубљата беше соопштението на Банката на Русија на 25 март дека регулаторот продолжува со купување злато по фиксна цена од 5.000 рубљи (52 долари во тоа време) за 1 грам помеѓу 28 март и 30 јуни. Ова ефикасно ја поврза рубљата со златото, а бидејќи златото се тргува во американски долари, ова ја поставува најниската цена за рубљата во однос на доларот, воспоставувајќи нов девизен курс меѓу двете валути блиску до нивоата забележани денеска.

Се верува и дека руската валута доби уште еден поттик откако претседателот Владимир Путин во март објави дека „непријателските земји“ кои воведоа санкции против Москва сега мора да плаќаат за рускиот природен гас само во рубли.

И покрај одбивањето од ЕУ, да плаќаат во рубљи, сепак, некои земји како Унгарија и Словачка рекоа дека се подготвени да го прифатат новиот начин на плаќање.