Шенсаесет годишниот пливач од Охрид Марко Пејчиновски утринава ја заврши и последната делница долга 64 километри со што влезе во историја на маратонското пливање откако преплива вкупно 250 километри долж и попреку на Охридското Езеро во текот на изминативе десет етапи.
Овој пливачки маратонец денеска за 21 час и 42 минути го заврши десеттиот маратон во водите на Охридското езеро, и тоа на патеката Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид во должина од 64 километри со којашто стартуваше вчера околу пладне. Тој беше пречекан на охридското пристаниште од бројни граѓани.
Претходното, деветто од десетте препливувања ова лето, беше на релација Градиште-Трпејца-Охрид, со должина од 20 километри. Пред тоа, Марко успешно ја преплива релација Заум-Охрид, на патека со должина од 18 километри. Една недела пред тоа, тој го оствари седмиот подвиг кога ја преплива релацијата Радожда-Трпејца-Градиште, само седум дена откако успешно ја преплива релацијата Струга-Градиште. За совладување на првие девет делници на Марко му беа потребни 59 часа и 42 минути.
Македонскиот пливач ќе стигне до бројката од 10 маратонски препливувања со вкупна должина од 250 км, а целта на младото момче е со личен пример да ги инспирира луѓето никогаш да не се откажуваат од нивните соништа.
– Пред три години, поради болка во ногата, го прекинав пливањето на оваа релација која остана мој неостварен предизвик. Тука сум да си докажам дека можам да го остварам мојот сон. И да ја исполнам мојата желба. Со ова сакам да докажам дека, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно. Без разлика какви се препреките кои ги имате на патот до успехот, морате да продолжите и никогаш да не се откажувате. Имајте своја цел и остварете ја. Најдете свој мотив, изјави пред почетокот на овој маратонски подвиг Марко.
Пејчиновски, кој има хендикеп односно некроза на ногата, првпат ѝ стана познат на јавноста пред четири години, кога со 12 години како најмлад во историјата го „скроти“ Охридското Езеро.
Видеото може да го отворите ТУКА.