Властите во Малта соопштија дека државата е првата земја во ЕУ што веќе има постигнат колективен имунитет против коронавирусот. Властите соопштија дека 70 проценти од возрасната популација примила барем една доза вакцина.

– Денеска достигнавме колективен имунитет, изјави синоќа на прес-конференција министерот за здравство на Малта, Крис Ферн. Тој истакна дека „вакцината е оружје против вирусот“.

Островската земја, со население од околу половина милион луѓе, аплицирала 475.000 дози на вакцини. Нешто помалку од 42 проценти од луѓето постари од 16 години се целосно вакцинирани.

Три недели не се пријавени смртни случаи поврзани со коронавирус на Малта. Просечниот број на новоинфицирани лица на ден е само три.

Од 1 јуни, на Малта ќе биде дозволено да се оди на плажа без маска. Од 1 јули, луѓето со завршен циклус на вакцинација повеќе нема да треба да носат маска на отворено кога шетаат сами или со друго лице, доколку се вакцинирани.

Вакцинацијата во моментов е бесплатна за сите луѓе на Малта над 16 години. Деца на возраст од 12 години исто така ќе бидат вакцинирани откако европските медицински власти ќе дадат зелено светло. Малта регистрираше повеќе од 30.500 заразени и 417 смртни случаи.