Владимир Владимирович Мајаковски живеел само 36 години, а речиси половина од нив и посветил на својата голема љубов, Лиља Брик.  На 15 март 1918 година, на свои 24 години, бескрајно заљубениот поет на својата муза ќе и го напише и ова:

”Драга, сакана и бескрајно мила! Отсега натаму веќе никој не ќе може да ми префрли дека малку читам – непрекинато го читам твоето писмо. Не знам дали со тоа ќе станам поумен и поучен, но сигурно е дека сум радосен. Ако на мене би сегледало како на твое кучче – ќе ти кажам отворено – тогаш ова линосано уво му служи само за да ги брише солзите”.

Се разбира, во тоа време освен што си ги брише солзите со своето “Линосано уво”, Мајаковски веќе пишува и поезија. И тоа поезија во која има место и за солзи.

Авторот на “Облак  во панталони” е роден на 19 јули 1894 година, живеел 36 години, од кои на книжевноста и сликарството им посветил речеси полни дваесет години. Својот краток и бурен живот го завршил на 14 април 1930 година со истрел во срцето. Дваесет дена пред тој кобен ден, во кој, меѓудруго, на чуден начин флертувал со Нора Полонски, на свеченоста по повод дваесетгодишнината од својата уметничка кариера, тој пред пријателите ќе рече:

”Поетот не е оној што се однесува како бушаво шилеже и блее на лирски љубовни теми, туку оној што во нашата заострена класна борба го дава своето перо во арсеналот на пролетерското оружје” Дваесет дена подоцна, без никаква најава, но со проштално писмо, за секој случај, ќе си истрела куршум во срцето од својот мал, џебен “маузер”. Во своето проштално писмо, во кое на советската влада и се обраќа со “Друже, владо”, ќе запише:

”За тоа што умирам, не обвинувајте никого, и ве молам, не сплеткарите. покојникот тоа страшно го мразеше”.

Кога веќе е мртов, пријателите се сетуваат да и испратат телеграма на Лиља Брик, која тогаш не била во Советскиот Сојуз. Таа не стигнала да го испрати, но засекогаш ги зачувала неговите писма. меѓу другите и она што Мајаковски и го испратил во 1922 година:

”Лилик, ти си мојата единствена мисла. Како што те сакав пред седум години, така те сакам и во овој миг. Што и да посакаш, што и да побараш, ќе направам со уживање. Колку ужасно е да се разделуваш, знаејќи дека љубиш, а самиот си виновен за разделбата. Седам во кафеана и плачам. Келнерите ми се смеат. Страв ми е и да помислам дека отсега натаму целиот живот ќе ми биде таков. Се разбира, мислам за мене, а не за тебе. Страшно ми е да посмислам дека во овој  миг ти си седиш спокојна и од миг во миг се оддалечуваш од мене. Уште неколку мига и јас ќе бидам сосема заборавен. Ако по ова писмо почувствуваш нешто повеќе, освен болка и гадење, одговори ми, до Бога, одговори ми веднаш, летам дома, чекам. Ако не – тогаш тоа е страшна, страшна несреќа. Те љубам, целиот твој јас. Сега е десет часот; ако до 11 часот не ми одговориш, ќе знам дека нема што да чекам”.

Сепак,чекал цели осум години, а во меѓувреме се заљубил во својот мал, џебен “маузер” што го носел со себе, заедно со моливот и бележникот во кој запишувал идеи, стихови и парчиња од своите спомени од детството. Што се однесува до спомените, го запишал и ова:

”Во 1906 година умре татко ми. Си го боцна прстот. Труење на крвта. Од тогаш не поднесувам игли. По неговиот погреб ни останаа само три рубљи. Ги распродадовме масите и столчињата и тргнавме за Москва. А таму немавме ниту еден единствен познаник. Стигнавме во градот јас, мајка ми Александра Алексеевна и моите сестри Људа и Оља. Изнајмивме станче на Брона. Во 1908 година влегов во Болшевичката партија и во март веднаш налетав на некаква заседа. Го изедов бележникот со адресите, сосе тврдиот повез. Никогаш не сум имал костум. Имав две кошули со најодвратен изглед. Проверен начин – разубавување со помош на вратоврска. Но, нема пари. Зедов од сестрите парче жолта лента. Ја врзав. Бурен успех. Значи, вратоврската  менува многу работи. Сепак, најрадосен датум ми е јули 1915 година. Тогаш се запознав со Лиља Брик, мојата Лилик. Ја напишав поемата “Облак во панталони” и и ја посветиов нејзе. Во 1925 година ја напишав мојата агитпоема “Летечкиот пролетер”  и “летнав” за Мексико, САД, а потоа и до Франција и Шпанија. Сега, три години потоа, ја пишувам поемата “Лоши”. Пишувам и драма и моја книжевна биографија. Многумина ми велат: ”Вашата биографија не е баш многу сериозна”. Така е. Таа е дел од нашата многу сериозна историја.“

Според спомените на неговите современици, писатели и други  уметници, Мајаковски не само што ги уривал  воспоставени норми на уметноста, туку се уривал и самиот себеси. Ни Арагон, ни Пабло Неруда, ни Елиар, ни Незвал никогаш не го имитирале, но сите треба да му се заблагодарат. Мајаковски не ги научил на формата на градење на стихот, но им помогнал да стекнат смелост во изборот. Неговиот пријател Иља Еренбург, на пример, се сеќава дека Владимир Владимирович изгледал необично здрав, силен и весел, но, понекогаш, и неиздржливо тажен и болно недоверчив. Во џебот секогаш носел кутија со сапун и кога морал да се ракува со човек што физички не му се допаѓал, веднаш по ракувањето трчал на првата чешма и долго си ги миел рацете.

Во париските кафеани – запишал во своите спомени Еренбург – Мајаковски пиел жешко кафе со сламка, која обично ја давале за ладни пијалоци. Пиел кафе со сламка само за да не го допре филџанот со усните. Го исмејувал суеверието, но вечно нешто баел, мрморел и го обожувал коцкарниците со автомати. Со саати стоел пред нив, обидувајќи се да ги погоди боите. На заминување сите жетони и ги оставал на Елза Јурјевна, зашто тие не му биле потребни – му била потребна само играта.

Кога Владимир Владимирович разговарал со жените, неговиот глас, обично остар и крут, веднаш се менувал о станувал мек и нежен. Како што запишал и Виктор Шкловски, Мајаковски знаел одеднаш, без никакви подготовки, да замине во странство, само за да се види со некоја жена. Се зборувало дека имал голема љубов во Париз.

Според спомените, пак, на Борис Пастернак, почетокот на април, таа 1930 година, ја затекнал Москва во нова бела покривка на речиси завршената зима, која ненадејно пак се вратила. На седми април, вели Пастернак, снегот по вторпат почнал да се топи, но на 14-ти април, дента кога се убил Мајаковски, одеднаш “пукнала” невообичаена пролет. Меѓу 11 и 12 часот низ Москва уште се ширеле кружните бранови на истрелот. А веста за самоубиството на Мајаковски ги расплакувала сите што ја слушнале. Излегувајќи напрсти од собата каде што бил покојникот, некој тивко праша, се сеќава Пастернак, дали е испратена телеграма до Лиља Брик. Постарата сестра на Владимир Владимирович рече дека е испратена. Гледајќи како лежи мртов во својата соба, знаев дека него уште од детството го беше разгалила иднината, што ја освои прилично рано и, очигледно, без голем напор, ќе забележи Пастернак.