Блаже МИНЕВСКИ

Љубовта на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и Коца Тасева Хаџова била кратка, но бурна и незаборавна, какво што било и времето во кое се случила – Илинденското востание и Крушевската Република. Во џебот на палтото на војводата Карев, кога бил убиен на 27 април 1905 година кај селото Рајчани, кочанско, аскерот ја нашол фотографијата на неговата вереница.

Таа фотографија, всушност единствената фотографија на Коца, била објавена во турските весници неколку дена подоцна, заедно со информацијата за убиството на Карев. Пред да биде отстапен на Архивот на Македонија, еден примерок од таков весник долго време се чувал во домот на семејството Кареви во Крушево.

Учителката Коца Тасова Хаџова, по задушувањето на Илинденското востание и пропаста на Крушевската Република, со вереничкиот прстен на раката и големата, златна меџидија скриена во фустанот, заминала од Крушево за Костур, а следната година се вратила во својот роден град Струга. По разделбата со својот вереник 1903 година во Крушево, веќе никогаш не се виделе. Умрела 1907 година, две години по убиството на Карев. Прстенот и златната меџидија од Карев, заедно со личните предмети од облека на Коца, по нејзината смрт, се чувале во домот на Хаџови во Струга. Многу години подоцна вереничкиот прстен и меџидијата си ги зела Даница, помладата сестра на Коца Хаџова, а останатите лични предмети и облека останале кај постарата сестра Ленка.

Вера Кумбароска, во 1939 година, на неполни 16 години, се омажила за Димитар Кумбароски, син на најстарата сестра на Коца Тасова Хаџова. Нејзината свекрва умрела во 1947 година, но во тие осум години, колку што живееле заедно, речиси немало ден Ленка да не спомне за својата покојна сестра. Од неа Вера дознала за вереничкиот прстен, но и за знамето на Крушевската Република, кое Коца го извезла со своја коса.

– Тоа знаме Коца го донела во Струга и до 1917 година било скриено в црквата “Свети Ѓорги”. Таа година Ѓорги и Сотир Чакарови, бегајќи заедно со Бугарите, го однеле и знамето во Софија. Во 1984 година, преку врски на наши роднини, успеав да го видам знамето со свои очи. Се растреперив и не можев да ги сопрам солзите кога ја допрев косата на тетка ми Коца. Да не го однеле Чакаровци во Софија, тоа знаме денес ќе беше во некој наш музеј. На Музејот на Крушевската Република, на пример, јас му предадов повеќе предмети на Коца, меѓу кои и пелерина, полче (блуза), бојче (здолниште) и друго. Се разбира, сето тоа го предадов без никаков надомест. Дома зачував само еден нејзин фустан, пелерина и шеширче со фарош, со мрежа над очите. Тоа е тежок фустан од црна свила “кребањо”, купен во Солун на почетокот на минатиот век. Фустанот е со “пласрон” кој паѓа над градите и е сошиен по врвната мода во тоа време. Со тој фустан тетка Коца се верила со Никола. Тој за мене е цело богатство; го чувам како реликвија. Често го вадам, го закачувам во собата и со часови го гледам, замислувајќи ја неа. Според фустанот, таа била убава, стројна и висока жена; вистинска убавица. Претпоставувам дека со Никола Карев биле прекрасен пар, зашто сум читала дека и тој бил убавец. За жал, неговиот веренички прстен и златната меџидија ги “собрала” од куќата на своите родители најмалата сестра на Коца, Даница, која исто така била учителка. Таа, подоцна, и ги подарила на сопругата својот син Боро, на снаата Љупка Чакар, правник во пензија. Таа живее во Битола и прстенот и меџидијата се кај неа. Прстенот е од старо злато, тежок и уникатен, со изгравиран лик на војвода, веројатно на Никола Карев. Златната меџидија е од чисто злато, тешка, направена од пет златни турски лири. Верувам дека Боро и Љупка Чакар во музејот во Крушево можеле да го дадат барем вереничкиот прстен, зашто тој е дел од нашата историја, а не само приватно богатство – раскажуваше пред скоро две децении Вера Кумбаровска, снаа за внук на Коца Тасева Хаџова, вереницата на претседателот на Крушевската република, Никола Карев.

Коца Хаџова за учителка во Крушево дошла на покана од нејзиниот братучед Антиноген Хаџов. Тој бил учител, но активно бил вклучен и во револуционерната организација, а бил член и на Штабот на крушевската револуционерна околија. Во време на Илинденското востание учителката Коца Хаџова има 23 години и завршена учителско училиште во Солун. Пред заминувањето од Солун го купила свечениот фустан, кој за првпат, на јавноста и го откри Вера Кумбароска. Според нашите сознанија тој фустан, кој е стар над 100 години, е најстариот сочуван модерен фустан во Македонија. Коца Хаџова него го носела само во свечени прилики. Во него била облечена дента кога била прогласена Крушевската Република, но и на скромната веридба со Никола Карев. Како што има запишано Георги Томалевски, сведок на тие настани, Коца Тасова Хаџова била слабичка, убава, со нежен говор и секогаш со одмерени зборови.

“Големите кафени очи – пишува Томалевски – горат како кротки пламени и предизвикуваат почит и љубов кон сите. Таа буди симпатии кај секого; сите ја сакаат, а најмногу децата, кои постојано се околу неа”. Стружанката Коца кај учениците во Крушево го развила македонскиот патриотизам и хуманизам, како и свеста за слободата. Според историските извори од тоа време, таа била вклучена во подготовките за нападот и заземањето на Крушево. Најблиска соработничка на Коца во тие денови, покрај Никола Карев, се разбира, била нејзината колешка Фанија Ракиџиева. Двете работеле во истото училиште и живееле во иста куќа, кај вдовицата Дада. Истата учителка Коца Хаџова, заедно со својата колешка Фотина Иванова и нејзината сестра Вета го навезле револуционерното знаме на Крушевската Република. Знамето било од црвена копринен материјал, опшиено со срма. на средината со златеста коприна биле извезени две раце, кои се ракувале на палмов лист, а над рацете имало запален факел. Околу сето тоа имало натпис: ”Слобода или смрт-знаме на крушевската чета”.

Околу целото знаме биле опшиени срмести реси, а по краиштата му виселе големи срмени пискулки. Освен тоа знаме Коца навезла и знаме на Крушевската Република, на кое се гледаат две девојки со долги коси, кои стојат врз картата на Отоманската империја. Косите на девојките се извезени со косата на Коца Хаџова. Тоа е знамето што во 1984 години во Софија го видела Вера Кумбаровска.

По востанието Коца Хаџова, вереницата на Никола Карев, останала извесно време во Крушево, а потоа, со придружба што лично и ја одобрил Бахтијар-паша, поради нејзината грижа за турското население во градот за време на Републиката, заминала за Костур. Нејзиното здравје набрзо уште повеќе се нарушило, особено по дознавањето на веста дека нејзиниот вереник е убиен во близина на Кочани. Галопирачката туберкулоза зема замав, но Коца сепак успева да се врати во Струга и да поживее до 1907 година, кога умира на 27 годишна возраст. Како што вели Вера Кумбаровска, Коца била погребана со големи почести од граѓаните на Струга во дворот на црквата “Свети Ѓорги”, веднаш зад олтарот.

Пробивајќи се низ малото прозорче, низ истото прозорче од кое и таа, вереницата на Карев, пред 120 години го гледале Дрим и струшката чаршија, со трепет влегуваат зраците на зимското сонце, прелевајќи се врз црниот фустан од тешка свила “кребањо” на Коца Тасова Хаџова. Во тој трепет, во рацете на Вера Кумбаровска, фустанот како да оживува и како од тука натаму тој сам да ја раскажува приказната за љубовта на убавата учителка со учителот Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Таа приказна стара повеќе од еден век сега треба само да се запише”: “Фустанот од “кребањо”.