Блаже Миневски
Еднаш Толстој му рекол на Горки:
„Човекот преживува земјотреси, епидемии, страшни болести и најразлични душевни маки, но во сите времиња најмачната трагедија била и ќе биде трагедијата на спалната“.
Другпат, во друга прилика и во присуство на Чехов, изјавил:
„Јас ќе ја кажам вистината за жените кога ќе бидам со едната нога во гробот. Ќе ја кажам, ќе скокнам во ковчегот, ќе го треснам капакот – и ела тогаш фати ме!“
Се оженил на триесет и четири години со осумнаесетгодишната Софија Андреевна Берс, докторска ќерка. Уште при првата брачна ноќ, кога Софија заспала, се измолкнал од постелата и во својот дневник, што го водел веќе полни шеснаесет година, запишал:
„Тоа не е тоа! Таа не е таа!“
На осумдесет и две години, бегајќи од неа, се разболел на Железничката станица во Астапово по што умрел.
Софија осум пати ја препишала Војна и мир?!
Можете да замислите што значи осумпати на рака со перодршка да се препишат оние стотици и стотици страници на романот „Војна и мир“. Софија Андреевна не само што толку пати го препишала, туку препишувајќи тајно го редактирала. Во овој роман таа внела илјада осумстотини педесет и пет поправки. И тоа не само поправка на зборови, туку и на цели реченици. Исто така во Ана Каренина направила деветстотини корекции, а во Воскресение повеќе од петстотини.
Девет месеци и пет дена по свадбата, на 23-ти јуни 1863 година, Софија Андреевна го раѓа нивниот прв син, Сергеј Толстој. Потоа следуваат: Татјана, Иља, Лав, Марија, Петар, Андреј, Михаил, Алексеј, Александра и на крајот, во 1888 година се раѓа Иван. Тогаш веќе Толстој имал 60, а Софија 44 години. Иван е бебе, а неговиот најстар брат Сергеј има полни 25 години.
Навистина е фасцинантно како Софија Андреевна, сопругата на Толстој, покрај толку деца наоѓала време, на пример, осум пати да го препише огромниот роман „Војна и мир“. Децата постојано биле околу неа. Кога едно ќе се разболело-се разболувале сите, а таа со денови и ноќи била на нозе. И покрај големата љубов меѓу нив, бракот воопшто не им бил сјаен.
Кон крајот на 1890 година, Толстој почнал да ги крие, односно да ги заклучува своите дневници. Очигледно дознал дека неговата сопруга ги чита. Софија тогаш во својот дневник ќе запише:
„Ми иде да се самоубијам, да избегам некаде, да засакам некого – да направам што и да било, само да не живеам со човекот кој, независно од се, цел живот сум го сакала, иако сега гледам колку сум го идеализирала.“
Следните пет години поминале во чести конфликти. Неколку пати таа бесна и очајна од постапките на Толстој, сакала да избега од дома, но плачот на децата секогаш ја задржувал. Во 1898 година, таа во дневникот забележала:
„Му требаше пасивна жена, здрава, неписмена и лишена од секаква воља.“
Јас испив отров!
Според Душан Петрович Маловецки, Толстој одлично го владеел англискиот, францускиот и германскиот јазик. Исто така читал на италијански, полски, чешки и српски, а знаел и грчки, латински, украински, татарски и црковнословенски, изучувајќи ги во меѓувреме и староеврејскиот и турскиот јазик. Во своите спомени, Маловецки, Словак, лекар по професија, кој во 1904 година, живеел во домот на Толстој, ќе запише:
„Завчера, Софија пак му направи сцена на Лав Николаевич – му легна пред нозете и ги бараше клучевите од сефот во банката, каде што се дневниците и тестаментите. Тој и рече дека не ги дава. Малку подоцна, кога тој минуваше покрај нејзиниот прозорец, Софија Андреевна се појави извикувајќи: Јас испив отров! Лав Николаевич истрча горе кај неа, а таа го пресретна со зборовите: Јас воопшто не мислев да пијам отров, те излажав!“
Сепак на крајот Софија ја губи битката. Тоа се случува на 28 октомври 1904 година. Тоа утро, точно во пет часот, Толстој, заедно со доктор Маловецки, скришум од Софија ја напуштил Јасна Пољана. Неговата ќерка Александра, која му помогнала да го спакува куферот, подоцна ќе се сеќава на сликата кога татко и со свеќа во рацете дошол да ја пробуди. „Лицето му беше светло, и решително, прекрасно“, запишала таа.
А тој веќе бил старец од 82 години. Истото утро, малку подоцна, кога разбрала дека тој избегал од дома, Софија Андреевна истрчала од куќата и се фрлила во блиското езеро. Сепак, двајца од слугите успеале да ја спасат. Лежејќи дома во својата затемнета соба, таа пет дена воопшто не јадела. На третиот ден од заминувањето на Толстој, во Јасна Пољана стигнала телеграма во која пишувало дека Лав Николаевич лежи болен во Астапово со температура од 40 степени. Иако слаба и немоќна од гладувањето, Софија, заедно со синот Андреј и ќерката Татјана, веднаш заминува за Астапово. Но, за жал веќе е предоцна – Толстој е мртов. Во воздухот над Астапово, останува да виси реченицата од дневникот на Софија:
„Пред смртта и по смртта нема ништо поважно и понеповратно од бракот.“
Софија Андреевна проживеала точно девет тажни година по смртта на Толстој. Пријателите на семејството ја одбегнуваат, а децата не просперираат во животот. Од друга страна, таа непрекинато се грижи за посмртната слава на својот сопруг. Со надеж за прочистување на душата, но и со се уште незгаснатата љубов кон Толстој, ја доживува револуцијата во 1917 година. Сред комунистичката еуфорија го губи целиот имот што со мака го одржувала, но сепак советската власт за возврат и определува висока лична пензија.
Максим Горки на едно место во своите спомени вели дека Толстој бил најсложениот човек од сите големи луѓе на векот, а улогата на Софија Андреевна како пријател, сопруга, мајка на многу деца, свекрва на многу снаи, баба на многу зетовци и внуци – била многу тешка. Всушност, самата таа, три година по смртта на Толстој, ги моли блиските да се однесуваат со внимание кон неа, затоа што претешко и било бремето врз слабите рамена откако во својата осумнаесетта година му станала сопруга на генијалниот и голем човек