Силно невреме го зафати источниот дел на Словенија, при што обилните врнежи од дожд доведоа до излевање на реките, додека во некои области падна и град.
Како што пишува порталот 24ур, невремето би можело да предизвика непогоди и во Прекмурје и Долењско и Посавје, додека западот од Словенија ќе остане претежно сув.
Како што соопшти Управата за заштита и спасување, вчера во попладневните часови подрачјето на општина Велење било зафатено од невреме со обилни врнежи.
Според прогнозата на локалните метеоролошки служби, поради големата нестабилност на атмосферата и ослабениот студен фронт кој ќе се приближува од север, во доцните попладневни и вечерни часови на север и североисток ќе се формира поголемо невреме, придружено со пообилни врнежи. Тие ќе можат да се обновуваат во истите области долго време, што може да доведе до брзо издигнување и излевање на поројните водотеци, особено во Корушка и Штаерска. Потоа во текот на ноќта нешто ослабено невремето ќе може да ги зафати Долењска и Посавје.