Бугарскиот министер Добри Трпешев на 28 декември 1944 година во Скопје на Второто заседание на АСНОМ одржал говор со извинување и покајание за соработката на Бугарија со Хитлер што, како што вели во говорот, и нанела голем срам на неговата земја, затоа што „дозволивме на фашистите да се здружат со Германците“.

Денеска тоа официјална Софија го негира, го негира македонскиот идентитет и јазик. Во продолжение, објавуваме делови од говорот на тогашниот бугарски министер и генерал Трпешев, за тоа што тогаш мислела Бугарија и нејзините официјални претставници за македонската борба, за Македонците и за Македонија.

„Другари и другарки, ние, Бугарите сме криви пред вас. Ние Бугарите дозволивме на фашистите да се здружат со Германците и да не потиснат од природниот сојуз со нашите братја Славјани…“, се обраќа Трпешев пред Президиумот на АСНОМ, предводен од Методија Андонов – Ченто и југословeнската делегација предводена од Едвард Кардељ.

Внимание предизвикал говорот на Трпешев, министер на отечественофронтовска Бугарија, како претставник на бугарската Влада и Бугарската работничка партија, во духот на заедничката борба против фашизмот. Од документите од Второто заседание на АСНОМ, каде што интегрално се објавени поздравните говори, објавуваме цитати од бугарскиот претставник, кои во денешен контекст се актуелни по однос на употребата на вокабуларот – осудата на бугарскиот фашизам за време на војната:

„…Ете, во таја борба ние, Бугарите, ама веќе отечественофронтовски Бугари, не старите, сакавме да влеземе. Старите неотечественофронтофски Бугари кои беја три години джандари на Хитлера на Балканот ни нанесоа срам и ние сега и секога кога се јавуеме пред вас секјаваме некое стеснение и покрај това што сме рамо до рамо против секакво надирање на фашизамот и за слободата и братството меѓу сите балкански народи. Ама и покрај това ја секјавам кривицата на бугарскиот народ што тој позволи на својот внатрешен непријател да се сојузи со германскиот фашизам и да му служи како слуга на Балканот. Ете, това е нашето стеснение и ете за това ние сакаме да ги избришиме сите тие дејствиа на нашите фашисти за да започне едно вистинско политичко единство и за да се оствари братството меѓу тие народи. Затова ние посакавме от Маршал Тито да ни позволи да се бориме рамо до рамо со вас против општиот непријател…“

Трпешев денес е оцрнет и осуден од бугарската историја и јавност и вброен во низата предавници и родоотстапници. Тој говори за ослободувањето на Македонија од „бугарската фашистичка“ власт:

„…Бугарските фашисти наново използуваја особеното положение на Балканот во првиот етап на световната војна и наново го забија ножот на југословенските народи… Ние не би можеле да успееме во нашите борби напоследок ако не ни помогневте вие. Ето таков е фактот. Ние даваме заповед да почнат да дејствуват нашите одреди по вашата граница. Ние го молевме генерал Апостолски да отпочне борби, за да ги привлечат фашиските сили. Ние го молевме другарот Тито да дејствува против бугарските фашиски окупатори за да им ги привлече главните сили и да не олесни во борбата… “

Делот од говорот којшто предизвикал огромни реакции, позитивни во салата но негативни во дипломатските кругови е даденото решение од страна на Трпешев за припојување на Пиринска Македонија кон Народна Република Македонија во рамките на југословенската федерација:

„…Разликата меѓу старата Бугариа и отечественофронтофската Бугариа е уште и во това што отечественофронтофската Бугариа смета, дека треба да се врати оној дел от Македониа, кој денеска се навоѓа во границите на Бугарија, и да се приопшти кон Македониа во Југославиа…“

Громогласните аплаузи иницирани од ваквиот став на бугарскиот министер и генерал не наишле на одобрување кај англо-американските претставници – мајорите Милер и Дикенсон, кои побрзале да ги известат своите влади за идното бугарско-македонско најавено пријателството под покровителство на Југославија.
***
Документот за говорот на Трпешев на заседанието на АСНОМ, како и коментар за говорот, вчера беше објавен од Диме Ратајковски, а истиот беше реобјавуван на социјалните мрежи.

На фотографијата е даден приказ на бугарскиот претставник на Второто заеседание на АСНОМ, Добри Трпешев кој се обраќа пред Президиумот на АСНОМ – предводен од Методија Андонов – Ченто и југословенската делегација предводена од Едвард Кардељ. Фотографијата е на Благоја Дрнков од приватниот албум на генерал Михајло Апостолски.

(Подготвил: Д.Г.)