Засега од Тетово до Призрен се патува 162 километри, а овој пат ќе биде скратен на 30 км со изградба на тунел долг 6,4 км, објавија албански медиуми.
„Проектот за изградбата на патот Тетово-Призрен беше меѓу најважните делови од 11-те преговори меѓу Косово и С. Македонија во септември минатата година. За новиот пат, кој го поврзува Призрен со Тетово, Косово и Македонија создадоа комисии, кои ја направија студијата за изведливоста на проектот и ја избраа најсоодветната можност“, објави информативната агенција ИНА и други медиуми на албански јазик во Македонија.
Тие во информација со наслов „Со тунел од 6 км, Призрен во 2024 година ќе се поврзе со Тетово“ пишуваат:
„Засега од Тетово до Призрен се патува 162 километри, а делницата што ќе го намали ова патување на 30 километри почнува од селото Манастирица кај Призрен. Се предвидува од тука да се изгради тунел долг 6,4 километри. Засега е во оптек идејата тунелот да започнува од македонска страна од кај селото Бозовце на Шар Планина“, пишуваат медиумите.
Неговото обликување е сега во процес, се додава во објавата.
„Потоа ќе се објави тендер за главниот проект. За почеток на изградбата, која се очекува да се случи во 2024 година, потребен е нов финансиски договор меѓу Косово и Македонија и одобрување од парламентите. На 17 септември лани премиерите на С. Македонија и на Косово, Зоран Заев и Албин Курти, потпишаа Меморандум за разбирање во врска со патот Тетово – Призрен, чија изградба се ветува веќе десет години по ред“, објавуваат албанските медиуми.
Тие го цитираат Курти:
– Некогаш Призрен и Тетово биле еден град високо на небото, но кога паднале на земја врвовите на Шар Планина ги направиле два града и сега треба да ги поврземе, рекол косовскиот премиер Албин Курти во својата изборна кампања во февруари 2021 година.
Инаку, сличен проект беше најавен и во Скопје од бившиот градоначалник, Петре Шилегов, сопартиец на Заев, на кому му мина мандатот и беше сменет, а тунелот под Кале остана само најава.