Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска Каменица реагираат на тврдењата на градоначалничката Соња Стаменкова за наводни институционални заложби за обезбедување приклучок на градот на експресниот пат Кочани – Виница – Делчево.

Од партијата велат дека станува збор за обид за присвојување заслуги за решение кое, како што наведуваат, никогаш не било доведено во прашање.

„Македонска Каменица од Владата и премиерот Христијан Мицкоски никогаш не била изоставена од поврзувањето со експресниот пат. Тоа денеска, при посетата на Делчево, јавно го потврди и самиот премиер Мицкоски“, се наведува во реакцијата.

Од ОК ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека писменото барање од 9 ноември 2026 година не може да се претставува како причина за одлука која, според нив, Владата ја имала предвид уште од самиот почеток.

Оттаму додаваат дека граѓаните заслужуваат вистинити информации, а не, како што велат, собирање политички поени на сметка на веќе утврдени државни приоритети.

„Владата на Република Македонија нема поделба на општини, ниту граѓани од прв и втор ред“, нагласуваат од партијата.

Во реакцијата се посочува дека Владата и премиерот Мицкоски ќе продолжат со заложбите за развој на источниот дел на државата и грижата за сите граѓани.

„За Македонска Каменица, за Источна Македонија, за нашата иднина!“, порачуваат од ОК ВМРО-ДПМНЕ.