Непријатниот мирис, поточно неподносливата реа, која веќе подолго време во одредени периоди од денот и ноќта се шири низ Гевгелија се уште ги мачи жителите на градот, а причините за тоа општината реши етапно да ги открива, затоа што проблемот му штети на имиџот на Гевгелија како чиста еколошка животна средина, изјави градоначалникот Сашо Поцков.
– Мислевме тоа да го сториме без тендер, но поради висината на цената што за тоа ни беше побарана од една овластена фирма, решивме да одиме со тендер. Одбраната фирма ќе изврши релевантен мониторинг и доколку го открие причинителот ние како општина, доколку е во наша надлежност, сме должни да го санкционираме, нагласи Поцков и повика на уште малку трпение од граѓаните кои бараат итно решавање на проблемот.
Покрај ова, од општината информираа дека ќе инсистираат во Гевгелија да дојде екипа од Министерството за животна средина заради проверка на економските оператори со Б интегрирана дозвола дали во меѓувреме, поради проширување на своите капацитети, излегле од ингеренцијата на општината. Доколку се утврди таква ситуација ќе им се издадат А интегрирани дозволи со што мониторингот врз нив во иднина ќе го врши Министерството за животна средина.