Како дел од еден необичен социјален експеримент, еден мексикански градоначалник се маскирал во лице со посебни потреби, со цел да го тестира односот на локалните јавни службеници од прва рака.

Откако добил бројни жалби од лица со посебни потреби и други социјално ранливи категории за третманот на социјалните работници кон нив, Карлос Тена, градоначалникот на Куахтемок, град во мексиканската држава Чихуана, не знаел кому да му верува, на наводните жртви или неговите соработници.

Така смислил план за да го испита однесувањето на локалните социјални работници. Тена два месеци  подготвувал убедлива маска, а потоа ги посетил јавните службеници во канцеларијата на градоначалникот и социјалната служба и се претставил како лице со посебни потреби, кое има потреба од помош.


Носел дебел џемпер, кој делумно му го покривал лицето, и сива шапка, црни очила за сонце и завој преку левото уво, а за да лажира повреда и да избегне да го признаат, во Управата за социјален развој побарал помош дојден во инвалидска количка. Тој побарал бесплатен оброк, на кој лицата со хендикеп и сиромашните граѓани имаат право според законот, но го игнорирале, па дури и дискриминирале.

По лошото искуство, Тена ја посетил својата канцеларија, барајќи да разговара со градоначалникот, но му рекле дека не е таму. Кога побарал да разговара со секретарот на градскиот совет, му било грубо кажано да чека во ходникот, бидејќи државниот службеник нема да дојде уште еден час и половина. Во тој момент, Тена сфатил дека приговорите што ги добивал биле оправдани и излегол од инвалидската количка и ја тргнал маската, оставајќи ги вработените во Градското собрание во шок.

„Целта на овој експеримент беше да се покаже реалноста со која граѓаните секојдневно се соочуваат, незаинтересираноста и занемарувањето од јавните службеници со кои се соочуваат”, им изјави градоначалникот на Куахтемок на локалните новинари. „Решив да го сторам тоа затоа што не знаев на кого да му верувам, на граѓани или на моите соработници”.

Мексиканскиот весник „Ел Векеро“ наведува дека Тена одамна е познат по борбата за еднаков третман на социјално загрозените лица, помагајќи им секогаш кога е во негова моќ.