Новиот градоначалник на општина Струга, Менди Ќура, денеска официјално ја презеде функцијата од Рамиз Мерко, по што најави серија одлуки со кои, како што рече, започнуваат промените во општината.

На прес-конференција, Ќура соопшти дека донел одлука службениот автомобил „Ауди А6“ да биде продаден, а за службени потреби ќе го користи својот приватен автомобил. Тој нагласи дека тоа е симболичен, но важен чекор за рационално трошење на јавните средства.

Ќура најави и постапки за раскинување на работните односи со сите вработени кои земаат плата, а со месеци или години не се појавуваат на работа. Според него, дел од овие лица и живеат и работат во странство, а формално се водат како вработени во општината или јавните претпријатија.

Како приоритети ги посочи изградбата на патот Мороишта-Струга, решавање на проблемите со паркирањето и подобрување на комуналните услуги. Во однос на депонијата, тој посочи дека се очекува регионалното решение да профункционира во 2026 година.

Ќура најави и ревизија на работата на општината и сите јавни претпријатија, а ќе бидат формирани и комисии за евидентирање на фактичката состојба на терен.