Градоначалникот на Лавов Андриј Садовји изјави дека денешното ракетирање на складиштето за гориво во тој град е „руски поздрав до Бајден“.
– Гледаме дека тоа беа напади насочени врз инфраструктурата, уништувањето е сериозно. Експлозиите оштетија една градинка и училиште. За среќа, нема загинати, но имаме ранети, рече Садовји.
– Верувам дека тоа беше руски поздрав до претседателот (на САД Џо) Бајден, кој сега е во Полска. Како што знаете, Лавов е на само 70 километри од границата со Полска. Целиот свет мора да разбере дека ова е сериозна закана, рече Садовји.
Четири ракети денеска го погодија градот Лавов во западна Украина и тоа е најжестокиот напад врз градот од почетокот на руската инвазија, соопштија локалните власти.
Откако Москва ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, Лавов, град на само 60 километри од полската граница, досега успеваше да избегне жестоки бомбардирања и борби кои ги опустошија украинските градови поблиску до Русија.
Шефот на регионалната управа Максим Козицкиј изјави дека во бомбашкиот напад се повредени пет лица. Две ракети погодија складиште за гориво, а уште две малку подоцна погодија воена фабрика.
Претходно, Козицкиј објави дека има силни експлозии во источните предградија на Лавов.
„Останете во засолништата! Не излегувајте на улица! ги предупреди сограѓаните по првиот ракетен напад.
Ракети паѓаа низ градот додека американскиот претседател Џо Бајден држеше говор во Варшава за време на посетата на Полска во кој ја осуди руската агресија и ја увери Украина за непоколеблива поддршка од САД.