Куповите смет оставени на земја околу преполните контејнери, кои се карактеристична слика за Тетово, особено годинава и во летниот период со високи температури, претставуваат голема опасност за здравјето на граѓаните, алармираат стручните лица од областа на здравствената екологија.
Комуналната општинска служба секојдневно го собира сметот од контејнерите, но постојат и голем број места каде нема садови за одлагање отпад, па се создаваат мини-депонии.
Доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје во Тетово потенцира дека секоја органска материја на овие високи температури многу бргу се распаѓа и на тој начин се развиваат сите можни бактерии што можат да доведат до сериозни последици по здравјето на луѓето.
Остатоци од домашни животни, коски со парчиња месо, делови од храна и слични органски материи, кои најчесто се среќаваат покрај контејнерите, се најопасниот вид отпад по човековото здравје.
– Сето тоа се распаѓа и станува извор на бактерии и вируси. Не само месото, туку и лубеница на пример. Се што е органско се распаѓа и овозможува да се развиваат многу бактерии. Имаме палета бактерии, од кои најчести се некои како ешерихија коли, ентеро бактерии, полиформни бактерии, салмонела, клостридиум, нема бактерија која не е присутна на таа температура, објаснува д-р Давидовски.
Така оставениот смет на земјата и високите температури се лошата комбинација кој доведува до развој на бактериите.
– Безбедна температура да нема развој на бактерии е до 5 степени и над 65 степени. Од 5 до 65 степени народски кажано „оро играат бактериите“. Кога има температура на воздухот 40 степени, на асфалт е 50 степени, па експоненцијално ако се развиваат и се делат за дваесет минути, сега за пет минути се размножуваат бактериите од кои можат да се заболат луѓето, објаснува докторот.
Тој ја потенцира потребата на тие места каде долго време стоел сметот и разградените органски материи да се исчисти и да се изврши дезинфекција. Докторот вели дека не треба многу средства за дезинфекција со оглед што има доста евтин начин на дезинфицирање.
– Препораките на ова време се покрај да се исчисти со миење на местата каде имало смет, да се изврши дезинфекција со хлор гранули или со прашок хлор. Местото да се испрска со хлор, да се дезинфицира. Тоа е доста евтин начин на дезинфекција, само треба да се внимава затоа што тоа е ризична работа, треба обучен човек да ја направи дезинфекцијата. Треба да се фрлаат гранулите со ракавици и да се остранат од рацете безбедно после тоа. Има и други работи ама најдобро е со хлор. Го убива и мирисот, вели д-р Давидовски.
Според здравствените стандарди и протоколи, дури и самиот непријатен мирис претставува загрозување на здравјето, а распаѓањето на органските материи е веќе надополнување и уште поголема опасност по човековите животи. Тука е и опасноста и од неорганскиот отпад, како неправилно одложен медицински отпад и сличен вид на смет.
– Непријатна миризба претставува загрозување на здравјето според Светската здравствена организација (СЗО) односно нарушување на физичка и социјална благосостојба. Кога ќе има непријатна миризба во средина каде се живее, тоа предизвикува гадливост и потоа влијае во социјалниот дисбаланс, објаснува Давидовски.
На разни начини долги години жителите на Тетово се соочуваат со загадена животна средина и опасности по нивното здравје. Изминатите години претоварната станица во самиот град служеше како место за депонирање отпад. Оставањето на отпад на земја се смета за една од причините за загадување на воздухот и присуство на отровните Пи-Ем 10 честички.
Градот под Шар Планина неколку години наназад се наоѓа на првото место на листите на најзагадени градови во државата и низ Европа, а студија покажа дека градот има најголем смрност кај населението причинето од загадувањето на воздухот.
Веќе втор мандат тетовската градоначалничка Теута Арифи најавува дека се работи на долгорочното решение за справување со отпадот – формирање на заедничко комунално претријатие на полошките општини, кои ќе имаат и регионална депонија со крајна фаза за третман и рециклирање на отпадот.
Александар Самарџиев за МИА