Надминати се сите проблеми во изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп и се очекува во почетокот на наредната година најголемиот број работи да завршат, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој денеска беше на увид на работите на гасоводот кај Прилеп.

-Во најголема мера се надминати проблемите во делот на изградбата на патот кај Фаришката Клисура, како и кај Дреново. На автопатот кон Прилеп се гради нова патарина што ќе биде приклучок на новиот експресен пат. Динамиката на активностите  е зголемена. Моите очекувања се дека динамиката на изградбата на експресниот пат сериозно ќе се интензивира и во почетокот на наредната година, во најголема мера,  работите ќе бидат завршени. Најголемиот дел од проблемите со проектни документации и експропријации се завршени и надминати и затоа се очекува сериозната динамика на изградбата на овој експресен пат, изјави Сугарески.

Експресниот пат Градско-Прилеп се гради во три фази. Првата беше Градско-Дреново во должина од 16 километри, втората е од Фариш- Дреново во должина од 10 километри, а третата од Прилеп до Ленишки Мост и изградба на трета лента на делницата  од селото Беловодица до каменоломот во должина од 7,5 километри.  Целиот пат од вкупно 33,5 километри е во вредност од близу 63 милиона евра.