Во рамките на грчките иницијативи за промоција на ЕУ перспективата на регионот, утре во Солун ќе се одржи конференцијата на високо ниво насловена „Од Солун во Загреб“.
На која ќе учествува и министерот Никола Димитров, конференција, која според грчки дипломатски извори, заедно со хрватско претседателство и во соработка со Европската комисија, се стреми да им овозможи на земјите од Западен Балкан да бидат „слушнати“ во пресрет на мајскиот Самит во Загреб, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите извори, грчката дипломатија се стреми, преку конференцијата да стави јасно до знаење дека европската перспектива на овие земји е приоритет, не само за нив, туку и за другите балкански држави кои се веќе членки на ЕУ.
На конференцијата, освен домаќинот, шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, ќе присуствува и министерот Никола Димитров, како и министрите за надворешни работи од Бугарија, Хрватска, Италија, Црна гора, Србија, Словенија, Косово, вршителот на должност МНР на Албанија, заменикот МНР на Босна и Херцеговина, надлежните Генерални секретари за европски и регионални прашања од Министерствата за надворешни работи на Романија, како и генералната секретарка на европската служба за надворешни активности, Хелга Шмид и заменикот генерален директор за проширувањето и соседската политика во Европската комисија.
Со конкретната иницијатива, Грција, според дипломатските извори, се стреми да ја истакне дополнителната вредност на проширувањето на ЕУ, како во обезбедувањето стабилност и просперитет на Балканот, така и во конзистентното и непрекинато продолжување на реформските напори што ги прават земјите од регионот.
Паралелно, истите извори додаваат дека земајќи ги предвид неодамнешните предлози на Европската комисија за изменување на методологијата за проширувањето на ЕУ, конференцијата е одлична можност за сите балкански држави, без разлика дали се веќе членки на ЕУ или не, да се изразат на заеднички начин, потврдувајќи ја нивната заложба за европското здание.
Конференцијата, ќе започне утре наутро во Солун, а ќе заврши со прес конференција на која ќе говорат шефот на грчката дипломатија, министерот за надворешни работи на Хрватска, со оглед на тоа дека земјата е претседавач со ЕУ, како и претставникот од Европската комисија.
Дипломатските извори од Атина, пренесува МИА, брифираат дека на конференцијата ќе има две сесии првата на тема „ Advancing the European Integration of the Western Balkans: Current challenges and Perspectives “ и втората, „The Western Balkans in Europe: The way ahead“, што всушност ќе биде работен ручек.
За значењето на утрешната конференција во Солун и за тоа колку би можела да придонесе за забрзување на европската перспектива на Скопје и Тирана, дописничката на МИА од Атина, побара одговор од заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите, одржан во средата.
-Мислам дека е уште еден форум, уште една алатка за да можеме да ја развиеме нашата политика што секогаш ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан. Многу е позитивно тоа што доаѓа во услови кога се чини дека француската страна, кој имаше важни противења на оваа тема, сега е поотворена за компромис. Секогаш сме со доза на резерва, но сме малку повеќе оптимисти, рече Пецас, како што веќе објави МИА во средата.