Владата одлучи да додели статус на стратешка инвестиција на компанијата „Митилинеос“ ДООЕЛ Скопје, фирма-ќерка на грчкиот индустриски конгломерат Митилинеос, која ќе гради постројка за производство на електрична и топлинска енергија, чија вредност се проценува 211 милиони евра.

„Вредноста на инвестицијата се предвидува да биде 211 милиони евра и според предвиденото, се состои од постројка за електрична енергија (со моќност 90-105 мегават) и топлинска енергија (со моќност од 135-150 мегавати). Годишното производство на електрична енергија се очекува да изнесува околу 1 150 гигавати и околу 275 гигавати топлинска енергија, коишто, се очекува да бидат испорачани во соодветните енергетски системи – МЕПСО и системот за пренос на топлина на Град Скопје“, соопштија од Владата.

Одлуката е донесена согласно Законот за стратешки инвестиции, а по јавен повик за поднесување барање за утврдување стратешки инвестициски проект кој беше објавен на 31 јануари годинава.

Грчката инвестиција ја најави уште поранешниот премиер Зоран Заев, непосредно пред оставката од функцијата лани, кога тој најави дека „Митилинеос е пред одлука за изградба на гасна електрана со капацитет од 110 мегавати во Скопје, а во главниот град ваква постројка ќе изгради и државното АД ЕСМ со 54 мегавати“.

Од Владата додаваат дека донесената одлука е во насока на нејзините определби за создавање услови за зголемување на домашното производство на електрична и топлинска енергија.

Инвестицијата се најавува во период кога Македонија е дел од европските планови за диверзификација и за намалување на зависноста од рускиот гас, додека истовремено планот е поврзување со терминалите во Александрополис.

Грчката компанија ја регистрираше дејноста во Македонија на крајот на април. Евангелос Митилинеос, претседател и извршен директор на холдингот, кој беше меѓу бизнисмените кои во 2019 го придружуваа тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во Скопје, рече дека „… Македонија како мала земја не може да се опише како Елдорадо, но дека очигледно има можности за бизнис“.