Пратеничката од СИРИЗА Рања Траскиа претпладнево соопшти дека си заминува од пратеничката група и станува независна, со што грчката опозициска партија губи уште едно пратеничко место и останува со 26 пратеници од вкупно 47 колку што доби во јуни минатата година на парламентарните избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за деветти пратеник кој заминува од СИРИЗА по неодамнешниот вонреден конгрес на партијата што се одржа на почетокот на ноември.

Од СИРИЗА преку соопштение побараа од Траскиа да ѝ го врати пратеничкото место на партијата со која беше избрана.

На парламентарните избори во јуни минатата година СИРИЗА доби 47 пратеници и беше главната опозиција во земјата, меѓутоа со заминувањата остана со 26 пратенички места, пет помалку од ПАСОК, кое веќе е втора политичка сила во Грција.

Во мај годинава, 11 од пратениците избрани со СИРИЗА кои се отцепија, формираа своја пратеничка група под името Нова левица.

Од 300 пратеници во грчкиот Парламент, 276 се дел од девет партии, додека пак вкупно 24 се независни.