Членови на грчката анархистичка организација „Рувиконас“ доцна синоќа со бои и испишани слогани го нападнаа домот на министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас и велат дека причината се неодамнешните пожари, јави дописничката на МИА од Атина.

На ѕидот од куќата испишаа „Држава – потпалувач“, се потпишаа, а преку нивниот официјален сајт ја презедоа одговорноста.

-Денеска симболично дојдовме пред домот на министерот за животна средина Скрекас. Овде, каде што, додека целата област изгоре, пожарот сосема случајно застана токму пред куќата на министерот во Крионери, која остана недопрена, соопштија од организацијата, објавувајќи фотографии и видео.

Владиниот портпарол Јанис Иконому го осуди инцидентот и рече дека организацијата за нивниот „фашистички напад“ се повикува на некои од лажните вести што кружеа „за време на битката со пламенот, со цел да ѝ наштетат на Владата“.