„ПЈРМ: За 30 септември закажан референдумот“; „На 30 септември референдумот во ПЈРМ“; „На 30 септември референдум во ПЈРМ за Договорот од Преспа“; „Кое е прашањето на раферендумот во ПЈРМ на 30 септември?“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за распишаниот референдум кај нас.
„Собранието на ПЈРМ го одреди 30 септември како датум за одржување на референдумот во чиј фокус е договорот со Грција за името и пристапните преговори на земјата со НАТО и ЕУ“, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА во кусиот текст, повикувајќи се на вест објавена од Ројтерс.
„Одржување референдум за ратификација на Договорот од Преспа на 30 септември одлучи вчера собранието на ПЈРМ, на седница на која отсутна беше националистичката опозиција на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува „Катимерини“.
„Почна одбројувањето до одржувањето на референдумот што ќе го запали ’зеленото светло’ за ратификација на Договорот од Преспа меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија“, пишува „Ефимерида тон синдактон“.
Поголемиот дел од грчките онлајн медиуми кусо и технички ја пренесоа информацијата за референдумот, ги објавија и ставовите на власта и опозицијата во Македонија, а единствено весникот „Катимерини“, повикувајќи се на искусни набљудувачи коментира дека би можело да се одржат и предвремени парламентарни избори.
– Без разлика дали ќе биде во водство „да“ или „не“, повеќе причини диктираат, според искусни набљудувачи, одржување предвремени избори во ПЈРМ, за владата на Заев да може да ја направи потребната ревизија на Уставот. Вакво нешто, би имало и последици врз временскиот период за ратификација на Договорот до Преспа во грчкиот парламент, пишува искусниот новинар во денешното издание на весникот „Катимерини“.