„С. Македонија: Важен чекор напред за зајакнување на регионалната соработка, средбата Герапетритис- Муцунски“; „Герапетритис до Скопје: Почитување на Договорот од Преспа и правилата за добрососедство“; „С. Македонија: „Важен чекор напред“ за зајакнување на соработката, средбата со Герапетритис“; „Нова порака за почитување на Договорот од Преспа“; „Порака на Герапетритис до МНР на С. Македонија за Преспа: Европската перспектива бара посветеност на меѓународните договори“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната средба на министрите за надворешни работи на С. Македонија и Грција Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.
-Како „важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значајно подобрување на дипломатските односи меѓу двете земји“, ја карактеризираше министерот за надворешни работи на С. Македонија, Тимчо Муцунски, средбата што ја имаше во Њујорк со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, пишува државната агенција АНА-МПА на почетокот на текстот, пренесувајќи го соопштението од македонското МНР, вест што ја презедоа и останатите медиуми во Грција.
– Герапетритис, исто така испрати порака за почитување на договорите, истакнувајќи дека „европската перспектива оди преку почитување на меѓународното право, за Европа да остане столб на стабилноста на меѓународната сцена. За да остане активна меѓународната стратешка безбедност, не треба да има селективна примена на меѓународните договори“, пишува информативниот портал „Ин“, пренесувајќи ја изјавата на Герапетритис.
Како што вчера објави МИА, грчки дипломатски извори брифираа дека прашањата за билатералната, прекуграничната и регионалната соработка, европската перспектива на нашата земја, како и потребата да се почитуваат меѓународното право и меѓународните договори, како што е Договорот од Преспа, биле темите за кои разговарале министрите за надворешни работи на двете земји на нивната прва средба.
Во изјава за новинарите што се во Њујорк, Герапетритис уште еднаш ја повтори и нагласи грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан, меѓу кои и на нашата земја и рече дека како на неформалниот состанок со министрите од регионот, така и на средбата со Муцунски имал можност да ја истакне „потребата оваа европска перспектива да останете цврсто активна, се разбира, со апсолутно почитување на европското законодавство и меѓународното право, особено меѓународните договори“.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчерашната прва билатерална средба со неговиот грчки колега ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна, а како што јави известувачката на МИА од Њујорк, шефот на дипломатијата изјави дека „во духот на добрата верба и во духот на почитувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународното јавно право заеднички ќе работиме сите да ги реализираме обврските коишто ги имаме“.