Грција треба да ја намали интензивната градба и да ги заштити водните ресурси и крајбрежните области доколку сака да одржи стабилен туризам, објави денеска грчкиот Народен правобранител.
Во својот извештај, народниот правобранител предупреди на зголемените ризици за животната средина и повика на итни реформи во туризмот, бидејќи грчката економија во голема мера се потпира на тој сектор.
Туризмот носи повеќе од четвртина од економскиот приход во Грција, а речиси два милиони Грци живеат од туризмот, се вели во првиот извештај на грчкиот Народен правобранител за туризмот од формирањето на функцијата во Грција пред 25 години.
Околу 33 милиони туристи ја посетиле Грција во 2023 година, што е за пет милиони повеќе отколку во 2022 година.
Приходите од туризмот во Грција се очекува да се зголемат оваа година на 21 милијарда евра во споредба со 20,5 милијарди минатата година, се наведува во извештајот.
Се издвојува примерот на островот Санторини, кој годишно го посетуваат повеќе од 5,5 милиони туристи, што е двојно повеќе од 2012 година. Санторини заработува милијарда евра годишно од туризмот.