Она што се случува во Сеута покажува дека мрежите бараат можности и секоја земја на првата линија се нашла или може да се најде во иста ситуација – напиша на платформата „Икс“ министерот за миграција и азил на Грција, Танос Плеврис, коментирајќи го нелегалниот влез на илјадниците мигранти во шпанската енклава и порача дека „да дозволуваш, преку својата политика, инвазија во Европа не е хуманост, туку криминал“ – јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис посочи дека Грција, по доаѓањето на Нова демократија на власт во 2019 година, „најмалку двапати се најде во иста таква ситуација“ потсетувајќи на февруари 2020 година кога имаше обид за масовен влез преку копнената граница од Турција во Еврос и во јули минатата година кога, како што објасни, ја суспендираа процедурата за добивање азил и воведоа притвор за секој што влегуваше нелегално.

– И во двата случаи ја заштитивме нашата татковина од обид за инвазија и од повиците на невладините организации и таканаречените хуманитарци. Во 2015 година се најде третпат во иста ситуација кога во Грција влегоа над 1.000.000 нелегални мигранти бидејќи тогашната влада не направи ништо – напиша Плеврис.

Дополнително се осврна и на податоците за мигрантските бранови во земјата објаснувајќи дека во првите седум месеци од 2026 година „нелегалните пристигнувања по морски пат бележат огромно намалување, па дури и на Крит, пристигнувањата од Либија годинава, по почетниот пораст, сега се помали од ланските“, односно лани во јули пристигнале над 3.500 лица, а во јули годинава се под 1.400.

– Протагонисти сме во промената на мигрантската политика на Европската Унија. Строгите политики, дипломатијата и борбата на припадниците на крајбрежната служба и полицијата даваат резултати. Не се опуштаме. Мрежите на шверцерите демнат. Подготвени сме, доколку биде потребно, да ја преземеме секоја неопходна мерка за заштита на нашата татковина. Но да дозволуваш, преку својата политика, инвазија во Европа не е хуманост, туку криминал – посочи министерот за миграција и азил на Грција.