За 24 часа во Грција биле анализирани 363 сомнителни случаи со новиот коронавирус, од 16 различни делови на земјата и сите се негативни, јави дописничката на МИА од Атина.
Најголем број од примероците, 203 се од областа Атика, поширокиот дел на Атина, а останатите се од градовите Солун, Јанина, Ахаиа, Птолемаида, Триполи, Каламата, но и од островите Крит, Кефалониа, Самос, Крф, Закинтос и Евија.
Во Грција, доцна синоќа беше потврден 21 нов случај, со што бројот на заразани со Ковид-19 во земјата се искачи на 66.
Според грчките медиуми, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, претпладнево свикал вонреден состанок со министерот за здравство Василис Кикиљас за да се разгледаат евентуално преземање дополнителни мерки за новиот коронавирус.