На состанок на Централниот комитет на СИРИЗА во попладневните часови се очекува грчкиот премиер Алексис Ципрас да предложи нов секретар на партијата.
Како што јави МИА од Атина, овој потег на Ципрас, во Грција се коментира како еден чекор кон реконструкцијата на Владата, која според грчките медиуми се очекува да се случи во текот на следните денови.
За позицијата секретар на СИРИЗА на местото на Панајотис Ригас, медиумите во Грција ги споменуваат актуелните министри, Панос Скурлетис и Никос Папас, но и портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос.
Името кое преовладува во медиумите е она на министерот за внатрешни работи, Скурлетис како најсериозен кандидат за секретар на партијата.
Темата на денешниот состанок на Централниот комитет на владејачката партија е „СИРИЗА во новата ера по меморандумите“, а почетокот ќе го означи Алексис Ципрас со говор пред членовите.