Aлтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во Њујорк ќе има средба со специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, јави МИА од Атина.

Средбата ќе се одржи во среда на 12 декември, ден пред почетокот на стратешкиот дијалог Грција- САД на 13 и 14 декември во Вашингтон. Катругалос во Њујорк ќе се сретне со Нимиц и со специјалната претставничка на ОН за кипарското прашање.

Во рамките на американско- грчкиот стратешки дијалог, што всушност е процес за поблиска соработка меѓу САД и Грција во различни области, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција ќе има средба со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Грчки дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА, рекле дека на средбата Помпео- Катругалос, меѓу другото, ќе стане збор и за регионот, за ситуацијата на Западен Балкан, перспективите и улогата на Грција за стабилноста и соработката, но и за Договорот од Преспа како „круна на грчката активна и повеќедимензионална надворешна политика“.

А за Договорот од Преспа, на два дена пред заминувањето за САД, Јоргос Катругалос говореше во интервјуто за грчкото радио „Сто кокино“. Рече дека не сака дополнително да ги коментира изјавите на македонскиот премиер и додаде дека е „очигледно дека и двете страни се стремат да ги убедат двата народи зошто договорот е заемно корисен“.

-Ова треба да го сториме со аргументи што одговараат на текстот од договорот и треба да го сториме на начин на кој напорите на едниот нема да ги отежнуваат напорите на другиот, вели Катругалос.

Тој додава дека можеби е и корисна целата дискусија што се отвори по изјавите од македонска страна, за да се расчистат некои работи, „дека не постојат елементи на иредентизам во договорот и дека напротив договорот е алатката за еднаш засекогаш да се елиминира секаков сомнеж и секаква сенка на иредентизам“.

По последните информации во Грција дека можеби партијата Река е со променета позиција и нема да го поддржи Договорот од Преспа кога ќе дојде за ратификација  во парламентот, Катругалос уште еднаш го повторува неговиот став дека „нема сомнеж дека договорот ќе биде изгласан во грчкиот Парламент“.

– Река ќе се наврати на изјавите, на почетните позиции, токму затоа што не постои простор за диференцијација што произлегува од актуелните настани. Повторувам дека она што требаше да се расчисти, се расчисти. Договорот од Преспа не се смени, ја имаше истата содржина, истата содржина ја има и сега и неговиот дух е она што треба да го заштитиме, вели Катругалос, во интервјуто за грчкото радио.