Законот што го подготвува грчката влада за правото на глас на Грците кои живеат во странство е темата за која грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе разговара на одвоените средби со лидерите на политичките партии закажани за во текот на денот, jави дописничката на МИА од Атина.
За законот да може да стапи во сила на следните избори, потребно е да добие двотретинско мнозинство во Парламентот, односно поддршка од 200 пратеници, па затоа Мицотакис ќе разговара со лидерите на партиите за постигнување консензус.
Првата средба на грчкиот премиер, која што е во тек е со неговиот претходник, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, потоа ќе се сретне со претседателката на Движење на промена, Фофи Генимата, а во попладневните часови ќе разговара со претседателите на Комунистичката партија, на Грчко решение и на МЕРА25.
Нова демократија и СИРИЗА имаат различни ставови и несогласувања во однос на тоа како би се броеле гласовите на Грците кои живеат во странство.
Портпаролот на грчката влада и заменик министерот под премиерот, Стелиос Пецас, непосредно пред почетокот на средбите на Мицотакис изрази надеж дека ќе се постигне консензус.
-Премиерот Киријакос Мицотакис презеде иницијатива да се сретне со политичките лидери за да им олесни на Грците во странство да гласаат од нивното место на живеење. Се надеваме дека денешната иницијатива за ова важно прашање што се однесува на стотици илјади Грци ќе биде успешно остварување консензус и нема да се претвори во комуникациска игра, рече Пецас.