Зголемениот број нови случаи на Ковид-19, сѐ поголемиот број пациенти приклучени на апарати и притисокот што се создава врз здравствениот систем, од денеска носат построги мерки во Грција, односно, освен карантинот што започна минатата сабота, се воведува и полициски час од 21 до 5 часот, јави дописничката на МИА од Атина.
Забраната за движење на граѓаните важи за сите, освен ако станува збор за работни обврски, итни здравствени причини или за прошетка на домашно милениче, а за секоја од овие причини, потребна е соодветна потврда (за работа) или испратена смс порака.
Од ден на ден во Грција се зголемува бројот на нови случаи, на починати лица, но и на пациенти приклучени на апарати.
Вчера беа регистрирани 3.316 нови случаи, починаа 50 лица, а приклучени на апарати беа 310 пациенти, што е нов негативен рекорд на дневно ниво, како во однос на новозаразрените, кои првпат се над 3.000 така и во однос на смртните случаи.
Од минатата сабота, Грција е во целосен, втор карантин, што ќе трае 30 ноември, а за граѓаните дозволено е движење само со претходно испратена смс порака и тоа само за шест есенцијални причини.
Паралелно, затворено е речиси сѐ: продавниците, кафулињата, угостителските објекти, средните училишта и универзитети, фитнес центрите, кината, музеите, театрите, ноќните клубови, а забрането е патување меѓу општини.
Единствено, отворени се градинките и основните училишта, супермаркетите, продавниците за храна, фурните, месарниците, пет шоповите, аптеките, банките, бензинските станици.
На овие мерки, од денеска се додава и полицискиот час од 21 до 5 часот.
Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани вкупно 66.637 случаи на Ковид-19, а починаа 959 лица.