Германскиот министер за здравство Јенс Шпан рече дека рестрикциите воведени во борбата против пандемијата најверојатно ќе останат на сила и во текот на зимата, бидејќи бројот на новозаразени и натаму расте.

Шпан за радио РББ изјави дека големите божикни прослави и други собири на повеќе од 10 до 15 лица нема да бидат можни

– Ние мора да се бориме заедно да ја поминеме оваа зима со мали бројки. Дури и да бидеме успешни во тоа, тоа не значи дека ќе можеме веднаш да се вратиме во нормалниот живот, како ништо да не се случило, рече Шпан.

Институтот „Роберт Кох“ денеска пријави 21.866 нови случаи на заразени со коронавирус, околу 1.500 помалку од најголемиот дневен биланс забележан за викендот.

Германија втора недела е делумно затворена за да се спречи преоптоварување на здравствениот систем.

Рестораните, кафулињата, спортските и други слични објекти се затворени, а воведени се и нови ограничувања на контактите, додека училиштата и продавниците останаа отворени.