Со патнички ферибот, од островите Лезбос и Хиос, на атинското пристаниште, рано утрово беа пренесени 347 бегалци и мигранти, кои дополнително, со автобуси ќе бидат распределени во бегалските кампови во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од префрлените баратели на азил, 259 се од Лезбос, 88 од Хиос, а во текот на денот, со друг ферибот, во Атина ќе пристигнат уште 20 бегалци и мигранти од островот Кос и 18 од Лерос.
Префрлањето на бегалците и мигрантите од островите во други делови на Грција е во рамките на политиката на грчката Влада за справување со проблемот со пренатрупаност во прифатните центри на островите.
Заменикот министер под премиерот и владин портпарол, Стелиос Пецас, во вторникот, на редовниот брифинг со новинарите, изјави дека планот на Владата е околу 20.000 лица од островите да се пренесат во други делови на Грција, до крајот на месецов планирано е да се префрлат околу 4.000 бегалци и мигранти, а останатите 9.500 – 10.000 баратели на азил во периодот од декември до февруари.