Со состаноци во надлежните Министерства, со препораки до граѓаните за заштита, но и со специјални простории со клима уреди од општините, Грција се подготвува за топлотниот бран „Клеон“ што ќе ја зафати земјата и се очекува, според прогнозите, во периодот од петок до недела температурите да бидат од 42 до 44 степени Целзиусови, јави дописничката на МИА од Атина.

По состанокот во Министерството за труд и социјала на Грција, беше упатена силна препорака до работодавците во периодот меѓу 12 и 17 часот да се намали обемот на работа и/или да се прекине за оние кои работат на отворено или се изложени на високите температури.

Министерството за здравство излезе со препораки и совети до граѓаните како да се заштитат од високите температури, додека пак Министерството за животна средина и енергетика одржа состанок за да нема проблеми во снабдувањето со електрична енергија и повикаа на разумно користење на електричните уреди во периодот меѓу 20 и 22 часот.

Паралелно, денеска, вонреден состанок ќе се одржи и во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција.

Прогнозите во земјата се дека температурата, од утре постепено ќе почне да се зголемува, ќе кулминира за време на викендот, а метеоролозите не ја исклучуваат можноста топлотниот бран „Клеон“ да трае и една седмица.