Во текот на минатиот месец, на девет острови во источниот дел на Егејското море, пристигнале 7.712 бегалци и мигратни, бројка што е поголема во споредба со пристигнувањата во јули, кога биле регистрирани 5.008 лица, кои по морски пат влегле во Грција, се наведува во податоците од УНХЦР-Грција за август, jави дописничката на МИА од Атина.
Во првите осум месеци од годинава, вкупно 25.590 бегалци и мигранти, по морски пат пристигнале во Грција, а најголемиот дел од нив (39 отсто) се од Авганистан, 21 процент доаѓаат од Сирија, а повеќе од половина се жени и деца (жени 24 отсто, деца 36 отсто).
Според истите податоци, пристигнувањата оваа година се за 32 проценти поголеми во споредба со 2018 година.
-Слично како и лани, над една третина од пристигнувањата во 2019 година се деца. Од нив, над шест од 10 се на возраст под 12 години. Освен тоа, 16 отсто од децата по пристигнувањето се регистрирани како без придружба или разделени, главно од Авганистан, Сирија и Демократската Република Конго. Околу 34 проценти од пристигнувањата се мажи од 18 до 39 години. Само три отсто се на 50-годишна возраст или постари, пишува во месечниот извештај на УНХЦР-Грција.
Грчкиот остров Лезбос и натаму е најпогоден од бегалските и мигрантските бранови. Од почетокот на годинава до крајот на август пристигнале 11.222 лица.
Според официјалните податоци од грчката Влада, од почетокот на месецов, заклучно со четвртокот-12 септември, на островите во источниот дел на Егејското море пристигнале 3.972 бегалци и мигранти.