Спогодбата меѓу Грција и Македонија за отворање на граничен премин кај Преспа, следната седмица ќе биде ратификувана од грчкиот Парламент, по што ќе следи и министерска одлука и соодветен претседателски декрет, соопштила алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за време на состанокот во грчкото МНР за новиот граничен премин, јави МИА од Атина.
На состанокот под алтернативната шефица на грчката дипломатија, како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција, учествувале координаторот на децентрализираната администрација на регионот Епир- Западна Македонија, Василиос Михелакис, заменикот префект за енергија, животна средина и транспорт на областа Западна Македонија, Константинос Геру и градоначалникот на Општина Преспа, Панајотис Пасхалидис, како и претставници на надлежните министерства.
Алтернативната МНР на Грција за време на состанокот го изразила задоволството што се покажува важноста на Договорот од Преспа за локалното население и ги повикала сите надлежни служби „на најдобар можен начин да го сторат она што е потребно за спроведување на спогодбата за граничниот премин“.
Учесниците го презентирале текот на истражувањето (патно поврзување, градежни објекти за полицијата и царинските власти и сл.), а било разгледано и доставувањето предлог за приклучување кон Европската програма INTERREG.
– Како што е одредено во спогодбата, во рок од 30 дена од ратификацијата, ќе биде формиран Мешовит комитет на експерти за спроведување на договорот, во кој ќе учествуваат претставници од Грција и С. Македонија, соопштуваат од грчкото МНР.
На состанокот било истакнато дека отворањето на граничниот премин е долгогодишно барање на локалното население од Преспа, поддржано од општината и надлежната периферија за надградување на поширокиот регион и за туристички развој.