Штом Турција тврди дека ги почитува добрососедските односи, тогаш нека научи и да го почитува меѓународното право онака како што е во сила, а не како што самата своеволно си го толкува.
Ова го изјави портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, Александрос Гениматас во врска со изјавата на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, кој ја повика Грција да ги демилитаризира островите во Егејското Море, јави МИА од Атина.
– Турција мора да работи на намалување на тензиите и на градење доверба, далеку од континуираните безизлезни провокации. Покренувањето слични прашања од турска страна, особено во момент кога се заканува со војна во случај една суверена држава да го почитува нејзиното легитимно и суверено право што ѝ го дава меѓународното право, не одговара на нивото на односите кое Грција, како демократска и европска земја, сака да го негува со сите нејзини соседни земји, додаде Гениматас.
Изјавата на Гениматис доаѓа откако Акар, како што објави турската агенција Анадолија, изјавил дека Грција го прекршува меѓународното право со распоредувањето оружје на островите во Егејското море, кои, според него, имаат статус на демилитаризирани зони и ја повикал Атина да ги демилитаризира.
Акар додал дека Атина „треба да прекине со нејзините прекршувања кои се спротивни на договорите и неспојливи со пријателството и добрососедските односи“, нагласувајќи дека Анкара работи на развој на добрососедските односи и очекува „сите соседи да се однесуваат на ист начин“.