Шефот на железничката станица во Лариса кој беше уапсен за несреќата и судирот на двата воза во кој животот го загубија 57 лица, денеска ќе биде изведен пред истражен судија.
Уапсениот, кој кривично се гони и се товари, меѓу другото и за убиство од небрежност во четвртокот побара и доби тридневен период за подготовка, а неговиот адвокат, за грчките медиуми рече дека 59-годишниот, направил грешка, презема одговорност, но само за делот што се однесува на него.
Шефот на железничката станица, од засега непознати причини, на двата воза и на патничкиот и на товарниот, им дозволил да го продолжат патувањето кон Солун и Атина, на истата шина, но во спротивна насока, што резултираше со директен судир.
Паралелно, на местото на несреќата продолжува операцијата на спасувачките екипи од противпожарната счужба за отстранување на вагоните и остатоците од возот, додека пак во судската медицина во Лариса продолжува идентификацијата на жртвите.
Согласно последните официјални податоци од грчката полиција, заклучно со синоќа, преку ДНК анализи идентификувани се 54 од 57 загинати, додека пак во болниците, хоспитализирани се 38 лица, од кои седум на одделите за интензивна нега.
Веднаш по несреќата, железницата прогласи 24-часовен штрајк, што секојдневно се продолжува, па така Грција веќе четврти ден е без возови.
Трагедијата, една од најголемите во земјата во изминатите 50 години, предизвика бурни реакции кај граѓаните кои континуирано организираат протести во повеќе градови, а синоќешните во Атина завршија со инциденти меѓу група маскирани лица и полицијата.