Првиот човек на грчката терористичка организација „17 ноември“ ја искористи новата шестдневна дозвола за излез од затвор во пресрет на новогодишните празници и се прошета низ центарот на Атина.
Димитрис Куфодинас, кој е осуден 11 пати на доживотна казна затвор, во придружба на неговиот син и уште неколку лица, вчера попладне се прошета низ Атина, првпат откако во септември 2002 ѝ се предаде на полицијата, а фотографијата ја објави информативниот портал „Iefimerida“, јави МИА од Атина.
Од ноември 2017, Куфодинас доби четири 48-часовни и две шестдневни дозволи за излез од затвор, а последната, шестдневната му дозволува слободно да се движи низ регионот Атика.
За прошетката на првиот човек на „17 ноември“, кој стои и зад убиството на пратеникот на Нова демократија и сопруг на Дора Бакојани, Павлос Бакојанис, реагираа од грчката опозициската партија, велејќи дека „досега се нема случено во владеењето на правото, терорист кој не се кае за делата и е осуден 11 пати на доживотна затворска казна, да се прошета на местата каде што ладнокрвно уби луѓе“.
Со реакција излезе и лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
-Прошетката на убиецот Куфодинас по истите улици каде ладнокрвно ги уби неговите жртви, претставува навреда за нивното сеќавање. Јавното дружење со групи кои се закануваат на сите што не се согласуваат со нив, е најдобар доказ дека тој останува нивни лидер, напиша претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис на неговиот официјален Твитер профил.
Димитрис Куфодинас е еден од основачите на терористичката организација „17 Ноември“ која беше активна од 1975 до 2002 година. Шеесет и едно годишниот „мозок“ на организацијата е осуден за 11 убиства извршени од 1985 до 2000 година. Куфодинас стои зад убиствата на издавач на весник и неговиот возач; претседател на голема грчка компанија; бизнисмени; воени аташеа во амбасадите на САД и Велика Британија; дипломати од турската амбасада во Атина; зад убиството на гувернерот на Банката на Грција; на пратеникот Павлос Бакојанис, но и зад убиството на еден студент кој го загуби животот „по грешка“, бидејќи испуканата ракета беше наменета за тогашниот министер за финансии.
На 5 септември 2002 година, сам ѝ се предаде на полицијата и рече дека ја презема одговорноста за активностите на „17 ноември“.
Во август минатата година од атинскиот, беше префрлено во т.н. земјоделски затвор во Волос.