Грчката влада потврди дека забраната за користење на социјалните мрежи за деца под 15 години ќе стапи на сила на 1 јануари 2027 година. Новите мерки беа презентирани во живо на каналот ERT News од страна на државниот министер Акис Скерцос, министерот за здравство Адонис Георгиадис и министерот за дигитална администрација и вештачка интелигенција Димитрис Папастергиу, пренесува БТА.
Се очекува законскиот предлог за воведување на овие ограничувања да биде изгласан во грчкиот парламент на 22 октомври, како што беше објавено на прес-конференцијата одржана во понеделник.
Со законот ќе се забрани пристапот до социјалните мрежи – како што се Facebook, TikTok и X, како и други платформи кои користат алгоритми дизајнирани да поттикнат долгорочно консумирање на дигитална содржина – на деца под 15 години.
Скерцос изјави дека Грција се стреми да ги спроведе овие ограничувања во целосна согласност со европското законодавство. Тој нагласи дека одговорноста за заштита на децата на интернет не треба да биде исклучиво врз родителите, туку треба да ја делат технолошките компании и државата. Наведувајќи ја Австралија како пример за земја што презела слични мерки, тој посочи дека Грција мора да го усогласи своето национално законодавство со правилата на ЕУ.
Георгиадис презентираше податоци што покажуваат дека повеќе од половина од грчките средношколци почнале да користат социјални медиуми на возраст меѓу 10 и 12 години. Според резултатите од истражувањето, секој четврти ученик признава дека прекумерно ги користи социјалните мрежи, а секое петто дете чувствува вознемиреност, несигурност или тешкотии со концентрацијата кога нема пристап до паметен телефон.
Забраната ја објави премиерот Киријакос Мицотакис уште во април, а првично се очекуваше дека законските измени ќе бидат усвоени во текот на летото.




