За да се спречи дополнително ширење на новиот коронавирус во Грција, од денеска до 22 март превентивно се затворени 34 училишта од кои речиси сите се во областа Атика, поширокиот регион на грчкиот главен град, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно денеска напладне се очекува министерствата за финансии, развој и труд, заедно, да ги соопштат економските мерки за последиците од коронавирусот врз економијата.
Од денеска стапуваат во сила и дополнителните превентивни мерки на владата, а предвидуваат во следните четири седмици да се одложат сите конференциски настани во земјата, на четири седмици се затвораат центрите за заштита на стари лица, во следните две седмици спортските натпревари ќе се одржуваат без публика и на исто толку време се откажуваат сите екскурзии за учениците.
Овие мерки доаѓаат откако бројката на позитивни случаи на Ковид-19 во Грција, се искачи на 73, откако вчера беа потврдени седум нови случаи.
Од 73 лица заразени со новиот коронавирус, 58 случаи се поврзани со групата што била на поклоничко патување во Израел и Египет , односно 47 членови на групата и 11 нивни контакти.