Регулаторната комисија за енергетика организираше јавна расправа, на која беа презентирани анализите подготвени од Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија. Според разработуваниот модел, скапата струја е поделена во четири блока. П

Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја.

Константин Димитров рече дека проблемот со високата цена на струјата на овој начин само се ублажува, бидејќи ако државата имаше сопствено производство на струја, а не увоз, дискусиите би биле многу поинакви од сегашните.

Тој праша колкава би била цената на струјата ако владата не го субвенционираше ЕСМ, на што доби одговор дека на тендерот за набавка на струја на универзалниот снабдувач можат да се јават и други производители на струја и трговци, не само ЕСМ.

Димитров забележа и дека и овој тарифен модел прави неправда кај граѓаните, бидејќи домаќинствата се определуваат според броило, а не според членови.

– Во Македонија посиромашните семејства живеат по 10 луѓе во една куќа. Родителите со синот и снаата и внуците, па може и уште некој син и снаа… Не видовме дали има опција по број на члениови на домаќинство да се дели потрошувачката. Очекувано е дека со еден до двајца потрошувачи во едно домаќинство, каде има едно броило да имаат многу помала потрошувачка отколку кај домаќинства со едно броило, но со десетина члена. Сметам дека ова е голема неправда – рече тој.