Американскиот претставник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, изјави дека во оваа фаза, што тој ја нарекува прва фаза од дијалогот, мора да се постигне нормализирање на економските односи меѓу двете земји, по што ќе следи и политичката фаза што ќе треба да го предводи ЕУ.
Во интервју за приштинскиот портал „Експрес“, Гренел соопшти дека со Французите и Германците веќе разговарал за оваа негова визија за двете фази или двата чекора во приближувањето.
-Не знам колку пати морам да кажам, иако јас бев крајно јасен дека ние, САД, сме убедени дека 20-годишниот конфликт може да се реши само со економска нормализација, рече Гренел.
Тој објасни дека втората, политичка фаза на дијалогот треба да се случи кога ќе почнат да пристигнуваат првите ефекти на економијата.