Кога има докази дека е прекршен Етичкиот кодекс е постапено, досега не е добиен доказ, одговори вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска на новинарско прашање дали ќе поведат постапка по допрен глас за политичарите кои со службени возила се потпишувале за претседателските кандидати.

-Досега не сме добиле фактичка состојба да видиме со аргумент дека е тоа така. Знаете дека и досега секогаш кога сме имале аргументи и доказ којшто укажува на тоа дека е прекршен Етичкиот кодекс сме постапиле, без разлика на тоа за кого станува збор. Така ќе биде и во овој случај. И токму како предупредување испративме пред извесно време отворено писмо до јавноста, до сите политички субјекти, без разлика на тоа на кое ниво на власт се, дека треба да водат сметка за јасно разграничување на партиските и државните активности и да нема злоупотреба на државни ресурси и капацитети за време на политичка кампања, изјави Грковска пред трибината за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура.

Во однос на опомените за користењето службени возила, освен во еден случај, смета дека има видлива промена кај функционерите што се опоменати и за да бидат повнимателни тие се јавувале во нејзиниот Кабинет за да се консултираат дали би го прекршиле Кодексот доколку постапат некако.

-Тие промени се видливи. Сакам да укажам на тоа дека само за еден случај, само за случајот Артан Груби, сме дошле до ситуација после две опомени заради непостапување сме пратиле допис до премиерот којшто треба, според Етичкиот кодекс, да одлучи која е мерката што ќе ја изрече. И повторно ќе кажам треба да се најде законско решение. Ние почнавме да работиме на законско решение со коешто ќе ги врземе санкциите од Етичкиот кодекс со некакви законски норми врз основа на кои би можело да има и некакви други санкции, прекршочни или од друг карактер за да не бидеме доведени во ситуација само да опоменуваме, особено кога за некого и опомените не се доволни, изјави Грковска.

На прашањето дали е недомаќинско работење распишаниот оглас на Владата за изнајмување 45 возила на лизинг, вицепремиерката одговори дека според заклучокот на Антикорупциската комисија процедурата е законска, а дека и економските експерти сметаат дека „тоа е најдобриот и најефикасниот начин“.

-Од претходната ДКСК имаше прилично реакции, меѓутоа откако го добивме целиот предмет кај нас, заклучокот на тогашната ДКСК беше дека целата процедура е согласно закон и тоа нас едноставно не нѐ става во ситуација да можеме да покренеме каква било процедура натаму.  Колегите од економскиот тим, коишто се експерти и имаат повеќе познавања од економијата, уверуваат дека тоа е најдобриот, најефикасниот начин на којшто би требало да се ангажираат овие возила. Сум се консултирала и со одредени субјекти од стопанските комори и уверуваат во тоа дека е така и во други држави, рече Грковска.

Во врска со иницијативата на ДКСК до Владата да покрене одговорност за директорот на Фондот за иновации и целото раководство поради доделени грантови на Дрин Ахмети, вицепремиерката одговори дека го нема добиено и видено дописот.

– Не сум го добила, не сум го видела.  Откако ќе го видам, можам да се произнесам. Да не се базирам само на тоа што вие ми го кажувате сега, меѓутоа денеска ќе го побарам дописот во Влада, доколку е стигнат, да го разгледам и потоа ќе се произнесам, одговори Грковска.