СДСМ има многу јасна визија за Македонија како земја членка на ЕУ, имаме многу јасен план како тоа да го направиме. Од друга страна, ВМРО – ДПМНЕ не нуди никаков план за напредок во европските интеграции дури напротив, може да се слушнат нивни изјави дека и 100 години не треба да станеме, а можеби и никогаш.

Ова го изјавил претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Слободен печат.

– СДСМ е партијата која обезбеди кандидатски статус за членство во ЕУ, која што обезбеди членство во НАТО и која обезбеди отпочнување на преговорите со ЕУ по 17 години чекање. Затоа велам, без СДСМ не постои европска Македонија. ЕУ за нас е единствена алтернатива од аспект на тоа што таа значи економски прогрес, обезбедување на економијата, значи социјална правда, и значи унапредување на демократијата. Да не заборавиме дека до 2016 година бевме заробена држава, без слободни медиуми и со комплетно партизирана администрација која се злоупотребуваше од страна на ДПМНЕ, партија во тоа време на власт, рекол Ковачевски.

Според него, она што го направиле нуди доволно аргументи дека, како што истакнал, во наредните четири години СДСМ со проевропската влада која ќе ја предводиме ќе обезбеди членство на Македонија во ЕУ.

Ковачевски оценува дека ВМРО-ДПМНЕ нема план за европска идина.

-Тоа од една страна покажува дека тие ја продолжуваат политиката на Никола Груевски, нивниот поранешен претседател, со оглед на тоа дека тоа беа истите ставови кои ги слушавме во тоа време. Ако го видите нивниот претседателски кандидат, тоа се повторно истите ставови и затоа велам дека со нив С. Македонија повторно ќе се врати во некакви чекални, во некакво мрачно минато во некакви недемократски процеси и на назадување на економските процеси, рекол во интервјуто Ковачевски.

Тој потенцирал дека СДСМ нуди јасна визија и надеж за македонските граѓани и затоа, вели, овие избори ќе бидат избор меѓу надежта со СДСМ и безнадежноста со ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан за планот за раст на платите, претседателот на СДСМ и поранешен премиер, Димитар Ковачевски,  порачал дека до 2028 година, минималната плата ќе биде во износ од 600 евра, дека тоа нема да биде оптоварување за бизнис секторот и оти неговата партија има план како тоа да го направи.

– Бизнисот може да издржи минимална плата од 600 евра, ќе ви дадам пример, денес во приватниот сектор минималната плата е над од она што е законски определно и најголем дел од приватните компании своите плати ги имаат димензионирано над нивото на минималната плата и вие ако ги погледнете огласите за вработувања, ќе видите дека платите веќе се на повисоко ниво од оние 22.500 денари колку што е минималната плата, појаснува меѓу другото Ковачевски во интервјуто.