Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) како мошне опасна ја окарактеризира руската привремена окупација на нуклеарната централа „Чернобил“, понудувајќи и на Украина помош за поправка на направените штети во централата.

Гроси вчера беше во Чернобил по повод 36-годишнината од нуклеарната несреќа од каде ја оцени ситуацијата во централата како „апсолутно ненормална и мошне опасна“.

По разговорите во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Гроси рече дека МААЕ и Украина во Чернобил ќе ги обноват сите објекти и инфраструктура оштетени изминатите седмици.

Зеленски го осуди руското однесување во централата посочувајќи дека Москва целосно ја занемарила нуклеарната безбедност со истрелување ракети над Чернобил и две други нуклеарни централи во земјата.

Тој доцна синоќа изјави дека однесувањето на Русите по преземањето на електраната покажало дека тие како „воопшто да не разбираат што е Чернобил“, како и дека руските војници украле опрема за мерење радијација.

Руските трупи ја презедоа контролата врз „Чернобил“ уште на почетокот на воените операции во Украина. Украинскиот персонал што ги опслужува капацитетите беше оставен на работно место.

Во комплексот на нуклеарната централа „Чернобил“ каде во 1986 година се случи најголемата нуклеарна несреќа во светот, нема оперативен реактор за производство на електрична енергија, но капацитетот има потреба од управување, а во куполата изградена над уништениот реактор и денес се складира нуклеарен отпад.