Д-р Иван ГРОЗДАНОВ

НЕ. БЛАГОДАРАМ НА ПОКАНАТА!

Не отидов на свечен прием кај министерката за образование и наука, Мила Царовска, на кој бевме поканети шестемина научници од МК кои сме дел од 2% најцитирани и највлијателни научници во светската наука за 2020 г. (според анализите на колеги од универзитетот Стенфорд, САД). Апстинирав, од следниве причини:

1) Таа констатација за мене и моите пет колеги не дојде од наши институции, туку од странски колеги/универзитет. Затоа, нашите политичари немаат морално право да си ловат партиско-политички поени за ова. Барем јас не се ставам во служба на ничие дневно-политичко саморекламирање.

2) Ниту една досегашна влада во МК немала ни слух ни определба пристојно, континуирано и систематски да ја помага науката во нашата земја. Напротив, политичарите на многу начини ја одмагаат, па и ја згаснуваат. Важни им се само партиски профитабилни инвестирања.

3) Во мојот случај, партиско-политичките попречувања одеа до таму што бев принуден и изработката и одбраната на мојата докторска дисертација да ги правам по туѓи земји – во еден вид политичко прогонство. Овде бев брутално спречен дури и да пријавам докторска дисертација, токму преку партиско-политичките структури и на универзитетот и многу пошироко. Само поради мојата аполитичност и христијански светоглед.

4) Исто така, сите мои влијателни научни трудови се извршени во друга земја, со нивна логистичка и финансиска поддршка. Овде ниту имав услови, ниту поддршка. Оттаму, не гледам зошто министерката за образование и наука би се гордеела, барем во мојот случај. Попрво треба срам да ја фати.

5) Пред неколку месеци ѝ пишав на дотичната министерка во врска со некои образовни прашања – не бев удостоен ни со одговор. Како и нејзините претходници, бездруго и таа си рекла : „Кој е овој, да му одговарам! Не сум го видела на ниеден партиски собир!“

6) На лично ниво, не чувствувам никаква чест да одам на свечен прием кај министерка која во најчувствителната област на образование на нашите деца, програмата за образование по ткн. „Сестрано сексуално образование“ ја доверува на хомосексуално-лезбејски здруженија, чиј промотор е и самата министерка. Тоа е како да им довериш на проститутките да ги учат децата на морални вредности. Со заложба токму на оваа министерка, не само што се озаконија и истополови бракови, контроверзни родови идеологии, туку се работи на тоа, кај децата да се внесат искривени морални вредности за половите машко и женско, за бракот и семејството. Токму оваа министерка турка закони и образование во насока на уривање на јавниот општествен морал – нешто, што допрва ќе го почувствуваме.

Има уште, но и ова нека биде доволно. И јас нешто да бојкотирам! 

П.С. Инаку, професионална чест ми е што дури 4 од нас 6 научници во ова рангирање, сме хемичари од ПМФ – Институт за хемија, Скопје, а двајцата најмлади беа и мои студенти. Честитки, колеги, држете се! Иван Грозданов